Атина, 20 јуни 2025 – Грција подготвува историски чекор кон вклучување на нуклеарната енергија во својот енергетски микс, откако премиерот Киријакос Мицотакис најави дека земјата има намера да се приклучи кон Европскиот нуклеарен сојуз.
„Подготвени сме да се приклучиме на Нуклеарниот сојуз. Ова нема да се случи веднаш, но Грција мора да биде дел од разговорот“, изјави Мицотакис на самитот за енергетска транзиција што се одржа во Атина.
Европскиот нуклеарен сојуз, формиран во 2023 година, е иницијатива на 13 земји членки на ЕУ, вклучувајќи ги Бугарија, Хрватска и Романија, со цел промоција и заштита на улогата на нуклеарната енергија во Европа. Најнов член на сојузот е Италија, а сега и Грција се придвижува кон истиот пат.
Премиерот потсети дека ова не е првпат Атина да покаже интерес за нуклеарна енергија. Владата претходно го разгледувала можноста за инвестирање во нова нуклеарна електрана во Бугарија, во замена за гарантиран увоз на електрична енергија.
Мицотакис особено го истакна потенцијалот на малите модуларни реактори (SMR), како и иновативната идеја за поставување нуклеарни реактори на бродови со цел декарбонизација на морскиот транспорт. „Мора да ја разгледаме улогата на нуклеарната енергија во една поморска земја како Грција“, додаде тој.
Според него, без развој на нуклеарни технологии, невозможно е да се достигне глобалната цел за нула нето емисии на стакленички гасови. Мицотакис истакна и дека фузијата, како иднина на енергетиката, е особено ветувачка.
Сепак, и покрај амбициозните планови, грчката влада се соочува со сериозни предизвици. Јавноста традиционално се спротивставува на изградба на нуклеарни објекти, како во Грција, така и во регионот. Иако енергетската криза донекаде го намали отпорот, скептицизмот останува силен.
Дополнително, Грција нема искуство во нуклеарниот сектор. Ќе биде неопходно да се изгради целосна инфраструктура, од регулаторна рамка до технички кадар, практично од нула.
Финансискиот аспект е уште една клучна пречка. Во Европа, ретки се новите проекти за класични нуклеарни централи што се градат на пазарна основа, а најголемиот дел од нив се субвенционирани од државата. Грција веќе ги истакна енергенсите трошоци како приоритетен проблем за земјата и целиот регион на Југоисточна Европа.
Останува да се види дали Атина ќе може да најде одржлив модел за нуклеарно вложување, пазарен или со државна поддршка, но насоката е јасна: нуклеарната енергија станува дел од националната енергетска стратегија на Грција.
Извор: Катимерини