Тетово и Призрен ќе бидат поврзани со нов 400 kV далекувод– стратешка енергетска врска меѓу Македонија и Косово

Скопје. 20 јуни 2025 – Македонија и Косово ќе добијат нова енергетска врска преку изградба на 400 kV интерконективен далекувод што ќе ги поврзе градовите Тетово и Призрен. Меморандумот за соработка беше потпишан вчера во Скопје од страна на директорите на електропреносните оператори на двете земји, Бурим Љатифи од АД МЕПСО и Шабан Незири од КОСТТ.

Овој проект претставува значаен чекор кон јакнење на регионалната енергетска инфраструктура и е дел од стратешките цели на Европската унија за енергетска транзиција до 2050 година. Според анализите на ENTSO-E, постои итна потреба за зголемување на преносните капацитети во Југоисточна Европа, при што се посочува дека во некои случаи е потребно и нивно двојно зголемување.

Проектот, освен далекуводот Тетово – Призрен, вклучува и изградба на нова трансформаторска станица 400/110 kV во Тетово, како и два нови далекуводи од Тетово до Охрид и до Скопје.

Реклама

„Овој проект ќе ја зголеми безбедноста и капацитетот на преносната мрежа, ќе овозможи поголема прекугранична размена на електрична енергија и ќе создаде услови за нови инвестиции во обновливи извори на енергија“, изјави директорот на МЕПСО, Љатифи.

Неговиот косовски колега Незири додаде дека соработката меѓу двете земји е доказ за заедничката посветеност за создавање модерна и сигурна енергетска инфраструктура во регионот.

Проектот се наоѓа во фаза на планирање и техничка подготовка, а неговата реализација ќе зависи од обезбедување финансиски средства и координација со сите засегнати страни.

Дополнително, Македонија планира до 2027 година да воспостави 400 kV интерконекција и со Албанија, што ќе го заокружи создавањето на регионален електроенергетски коридор Исток–Запад, поврзувајќи ја земјата со Бугарија, Албанија, Црна Гора и Италија.

Со овие проекти, земјата се позиционира како идно енергетско јадро на Балканот, способно да понуди стабилност, безбедност и поддршка за зелената транзиција во регионот.

Извор: АД МЕПСО

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement