Божиновска на МЕФ: Нов закон, рекордни инвестиции и регионална соработка за одржлива енергетска иднина

Скопје. 17 јуни 2025 – Со јасна визија за забрзана енергетска транзиција и конкретни чекори за одржлива енергетска иднина, министерката за енергетика, рударство и минерални ресурси, Сања Божиновска, вчера го отвори Македонскиот енергетски форум (МЕФ), кој годинава повторно се потврдува како значајна платформа за стратешки дијалог во областа на енергетиката кај нас и во регионот.

Во обраќањето, министерката истакна дека стабилната и сигурна енергија повеќе не е луксуз, туку неопходност, посочувајќи ги геополитичките кризи, климатските предизвици и потребата за фер и чиста енергетска иднина.

Во говорот, Божиновска го истакна донесувањето на новиот Закон за енергетика, кој ја отвора вратата за целосна либерализација на пазарот и значително олеснување за инвеститорите и потенцираше дека усвојувањето на законите за енергетска ефикасност и обновливи извори на енергија се клучни за наредните чекори во напредокот на Македонија кон декарбонизација и предизвиците што ги носи овој процес.

Реклама

Ние сме во последните чекори од донесување на Законот за енергетска ефикасност и Законот за обновливи извори. Што значи дека кога ќе ги донесеме овие два закони, до септември очекувам, ќе имаме јасен план и што понатаму. Меѓутоа, подзаконските акти темелно се работат, ќе треба од 9 до 12-15 месеци да се изработат сите, бидејќи тоа е за целиот енергетски сектор. Така што, работиме на тоа, не е нешто што може да го планираме за недела-две, изјави таа по отворањето на Македонскиот енергетски форум 

Истовремено, министерката најави имплементација на најамбициозната инвестициска агенда досега, која вклучува:

  • Фотоволтаични електрани со капацитет над 1,6 GWh до 2030;
  • Модернизација на преносната мрежа за подобра интеграција на зелени извори;
  • Интерконектори за природен гас со Грција, Србија и Косово;
  • Проекти за складирање енергија и зелени хидрогенски капацитети.

Покрај ова, Божиновска нагласи дека Македонија, како активен член на Енергетската заедница, ја води енергетската политика во насока на усогласување со европското законодавство и Зелениот договор. Таа испрати силна порака дека „ниту една држава од Западен Балкан не може сама да ја изгради енергетската иднина“ и повика на заеднички напори и координирана регионална соработка.

Притоа, министерката ја потенцираше одговорноста кон граѓаните и природата, преку активности за намалување на загадувањето, подобрување на енергетската ефикасност, воведување паметни мрежи и дигитални решенија, и едукација за енергетска писменост.

„Сакаме граѓаните да бидат не само потрошувачи, туку и производители и активни заштитници на животната средина“, рече Божиновска.

Македонскиот енергетски форум продолжува и денес, со сесии и панел-дискусии со учество на експерти, инвеститори и претставници на институции, кои заеднички ќе ги трасираат следните чекори кон поодржлива и посигурна енергетска иднина.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement