Брисел. 12 јуни 2025 – Eврокомесарот за климатска акција Вопке Хоекстра одржа инспиративен говор за време на Европската недела на одржлива енергија, во кој повика на создавање на „Маршалов план за енергија“, што би означил нов амбициозен пристап за забрзување на праведната и конкурентна зелена транзиција на Европа.
Во говорот, Хоекстра го потенцираше значењето на излезот од „климатската балонска зона“, нагласувајќи дека е потребна поширока комуникација и мобилизација на јавноста, бизнисите и институциите. „Недоволно е да ги убедуваме само луѓето во оваа сала, мораме да ја освоиме и пошироката јавност“, истакна тој.
Хоекстра предупреди дека климатските промени не се само еколошка закана, туку и економска реалност. Европа, според него, веќе годишно трпи помеѓу 50 и 100 милијарди евра штета од климатски последици, бројка што само ќе расте. „Европа се загрева двојно побрзо од остатокот на светот“, додаде тој.
Тој ја отфрли дилемата меѓу економска конкурентност и климатска амбиција, нагласувајќи дека транзицијата кон чиста енергија е всушност патот кон индустриска сила, енергетска независност и отворање на квалитетни работни места.
Хоекстра предложи пет конкретни столба за нова европска енергетска стратегија:
- Зголемување на обновливите извори, особено соларната енергија, која бележи пад на цените од 82% во последната деценија.
- Масовни инвестиции во електричната мрежа, што според анализите, носат двојна повратна вредност во системски заштеди.
- Градење прекугранични интерконектори, кои ќе ја направат Европа еден интегриран енергетски пазар.
- Скалабилни решенија за складирање на енергија, каде ЕУ преку Иновацискиот фонд веќе финансира 15 проекти.
- Флексибилност во индустриската потрошувачка, што може да ослободи 5–9% дополнителен капацитет во мрежата без скапи инвестиции во инфраструктура.
Во говорот беше потенциран и „Clean Industrial Deal“, иницијативата на Европската комисија од февруари годинава, која има за цел да обезбеди инвестициска сигурност, намалување на бирократијата и поддршка за скалирање на стартапи во областа на чисти технологии. За таа цел, Европската унија најавува дополнителни 100 милијарди евра инвестиции во домашно производство на чиста енергија.
„Да, безбедноста и одбраната заслужуваат внимание, но климатската акција мора да остане приоритет“, нагласи Хоекстра, повикувајќи ги сите присутни, од младите амбасадори до локалните власти, да станат гласници на новиот наратив: дека декарбонизацијата не е само еколошки императив, туку и економски потенцијал.
Со порака дека само со заедничка визија Европа може да обезбеди праведна, чиста и конкурентна иднина, Хоекстра го заврши својот говор со повик за акција и надеж: „Оваа транзиција нема алтернатива. Време е за заедничка енергетска офанзива.“
Извор: Европска Комисија