Скопје. 5 Јуни 2025 – Собранието го усвои новиот Закон за енергетика, кој е целосно усогласен со европските стандарди и претставува важен чекор кон енергетска безбедност, зелен раст и социјална праведност, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во интервју за Македонската радио телевизија.
„Овој закон носи многу бенефити и за граѓаните и за инвеститорите. Првпат воведуваме поим како енергетска сиромаштија, со што директно се таргетираат ранливите категории на граѓани“, изјави Божиновска, истакнувајќи дека законот бил изготвен низ инклузивен и транспарентен процес, со учество на сите засегнати страни.
Во законот се предвидува и формирање на граѓански енергетски заедници, системи за складирање електрична енергија преку батерии, како и промоција на е-мобилноста, со што Македонија се приближува до европските трендови во енергетиката.
Министерката откри дека минатата година, енергетскиот систем бил наследен во тешка состојба по „седум години негрижа за енергетските капацитети“, што ја натерало Владата да се фокусира на негово стабилизирање и зголемување на домашното производство на електрична енергија.
„Целта е да го намалиме увозот и да станеме извозник на струја, бидејќи имаме огромен сончев потенцијал како ‘земја на сонцето’ “, посочи Божиновска.
Во интервјуто беше спомнат и капиталниот проект „Чебрен“. Според анализите, изградбата на хидроцентралата со брана висока 190 метри ќе чини најмалку една милијарда евра и ќе трае 7 до 8 години. „Формиравме работна група која подготви предлог овој капацитет да биде целосно во македонска сопственост“, рече Божиновска. Таа нагласи дека овој проект не е само за производство на струја, туку и за наводнување и туризам.
„По 14 неуспешни тендери во минатото, сега проектот е на листата за стратешки партнерства со Обединетото Кралство“, додаде министерката.
На прашањето за евентуално покачување на цената на струјата, Божиновска беше децидна: „Струјата нема да поскапи. Работиме на тоа да нема ценовни шокови, особено за ранливите потрошувачи.“
Како дел од енергетските планови, министерката најави и нови инвестиции во обновување на преносната мрежа, како и дополнителни вложувања во државните компании ЕСМ и МЕПСО.
Во овој контекст министерката истакна дека е веќе потпишан договор со ЕБОР, а во тек е и изработка на студија која ќе покаже колку треба да се зајакне електроенергетска мрежа во државата. Дополнително, истакна Божиновска, се разгледуваат проекти за инвестиции во обновливи извори во соработка со француската и италијанската развојна банка, кои за првпат се јавуваат како партнери во енергетскиот сектор во Македонија.
Енергетика 24