Скопје. 02 Јуни 2025 – На брифинг одржан во Министерството за енергетика, рударство и минерални ресурси, директорите на државните енергетски компании ЕСМ, МЕПСО и МЕМО информираа дека нема да бараат зголемување на цената на струјата за домаќинствата во следните шест месеци, и покрај финансиските предизвици со кои се соочуваат.
Генералниот директор на ЕСМ, Лазо Узунчев, објави дека компанијата ќе се задолжи со 30 милиони евра од домашна комерцијална банка, со каматна стапка од околу 3,5%, за да обезбеди ликвидност и да ги сервисира обврските кон добавувачите. Тој потенцираше дека оваа камата е поповолна од условите на претходно добиените субвенционирани кредити.
И покрај тоа што производната цена на електричната енергија во првиот квартал од 2025 година достигнала 98,9 евра за мегават час, ЕСМ продолжува да ја продава на универзалниот снабдувач ЕВН Хоум по непроменета цена од 62 евра за мегават час, без дополнителни субвенции од државата.
Узунчев објасни дека загубата од 123 милиони евра во 2024 година е последица на долгогодишно невложување во производствените капацитети и инфраструктура. Сепак, во РЕК Битола веќе е забележано намалување на производната цена од 127 на 96 евра за мегават час.
„Производната цена е висока затоа што со години не се вложувало во капацитетите. За да имаме профит и средства за инвестиции, потребно е рехабилитирање на постројките“, изјави Узунчев.
Производството на електрична енергија во првиот квартал било 35% под планираното, но се очекува стабилизација и дури и натфрлување на планот во третото и четвртото тримесечје. Целта, според директорот, е годината да се заврши со добивка – „па макар и од еден евроцент“.
Дополнително, на брифингот беше истакнато дека се поднесени кривични пријави против два поранешни управни одбора на ЕСМ поради штетни енергетски одлуки, меѓу кои и договорот за закуп на гас од Александропулис вреден над 5 милиони евра, кој ниту може да се донесе во Македонија, ниту да се продаде.
Енергетика 24