Москва. 02 Јуни 2025 – Рускиот извоз на природен гас во Европа преку гасоводот Турски тек бележи пораст во мај, покажуваат пресметките на агенцијата Ројтерс базирани врз податоците од европската гасна мрежа Entsog. Во мај, дневните испораки достигнаа просечно 46 милиони кубни метри, што претставува зголемување од 10,3% во споредба со април.
Иако бројките се повисоки во однос на претходниот месец, тие сè уште се нешто пониски од мај 2024 година, кога дневниот извоз изнесуваше 47,2 милиони кубни метри.
Со затворањето на украинскиот транзитен коридор по истекот на петгодишниот договор на 1 јануари, Турција остана единствена рута преку која рускиот гас стигнува до европскиот пазар. Според Ројтерс, вкупниот извоз преку Турски тек во првите пет месеци од годинава изнесува околу 7,2 милијарди кубни метри, во споредба со 6,6 милијарди во истиот период во 2024 година.
Инаку, Гаспром, не ги објавува сопствените податоци од 2023 година и не даде коментар на најновите проценки.
Извозот на руски гас во Европа значително опадна во последните години. Додека во 2022 година вкупниот обем изнесуваше 63,8 милијарди кубни метри, тој падна на 28,3 милијарди во 2023. Во 2024 година, сепак, извозот порасна на околу 32 милијарди кубни метри.
За споредба, во периодот на највисок извоз, помеѓу 2018 и 2019 година, Русија испорачуваше меѓу 175 и 180 милијарди кубни метри гас годишно на европскиот континент.
Извор: Ројтерс