Четири нови турбини за Богданци – 15 MW нова моќност од ветер

Скопје. 28 Мај 2025 – Проектот за проширување на Ветерниот Парк Богданци, вреден 37,6 милиони евра, влегува во финалната фаза на реализација, потврдувајќи ја заложбата на Македонија за зелена транзиција и енергетска независност. Денес беа потпишани клучни договори помеѓу АД ЕСМ (Електрани на Северна Македонија) и Siemens Gamesa Renewable Energy (SGRE), со што се озакони соработката за втората фаза од проектот.

Партнерството со глобалната компанија SGRE претставува силен поттик за зголемување на капацитетите за производство на обновлива енергија во државата. Договорите беа потпишани од генералниот директор на АД ЕСМ, Лазо Узунчев, и претставникот на SGRE од виенската канцеларија, Стјепан Черкез.

Финансиската конструкција на проектот вклучува поволен заем од 25,7 милиони евра обезбеден од германската KfW Развојна банка, грант од приближно 8,9 милиони евра од Европската Унија преку Инвестицискиот Рамковен Фонд за Западен Балкан (WBIF), како и 3 милиони евра сопствени средства од АД ЕСМ. Овој модел на финансирање го истакнува партнерството со ЕУ и Германија како клучни поддржувачи на македонската енергетска транзиција.

Реклама

Втората фаза од ветерниот парк предвидува изградба на четири нови турбини, секоја со капацитет од 3,4 мегавати, што ќе го зголеми вкупниот инсталиран капацитет на ветерниот парк за дополнителни 15 MW. Очекуваното годишно производство изнесува 46 GWh, доволно за снабдување на околу 6.000 домаќинства со електрична енергија. Со ова проширување, ветерниот парк Богданци ќе придонесе кон посигурно и одржливо снабдување за над 22.000 домаќинства.

Од АД ЕСМ изразија длабока благодарност до македонската Влада и меѓународните партнери – KfW и WBIF – за континуираната поддршка и доверба. WBIF, како иницијатива на Европската комисија, донатори и меѓународни финансиски институции, игра клучна улога во поддршката на развојните проекти за обновливи извори во регионот.

Со овој проект, Македонија прави значаен чекор напред кон диверзификација на енергетските извори, намалување на емисиите на стакленички гасови и поттикнување на одржлив економски развој – цели усогласени со европските и глобалните енергетски политики.

Изјави од настанот:

Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини

„Овој проект претставува моќен симбол за тоа што можеме да постигнеме преку стратешко партнерство, доверба и заедничка визија за позелена и поотпорна иднина. Тој ја зајакнува нашата национална посветеност кон забрзување на енергетската транзиција, зголемување на капацитетите за обновлива енергија и зајакнување на енергетската независност на нашата земја. Посебна благодарност упатувам до АД ЕСМ за нивното лидерство и посветеност во унапредувањето на овој проект, како и до нашите колеги од Секретаријатот за европски прашања, WBIF и консултантскиот конзорциум за нивната постојана поддршка.“

Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија

„Германија, ЕУ и Северна Македонија се обединети за одржлива и јаглеродно-неутрална енергетска иднина: проширувањето на ветерниот парк Богданци во соработка помеѓу германската развојна банка КфВ, ЕУ ВБИФ и ЕСМ е уште една илустрација на нашето континуирано силно партнерство. Енергијата од ветер се издвојува како една од најчистите енергетски извори поради нејзината нула-емисиона работа и исклучително нискиот јаглероден отпечаток низ целиот животен циклус“

Штефен Худолин, раководител на секторот за соработка во Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија

 „Европската Унија со својата финансиска и институционална поддршка ги претвора денешните енергетски предизвици во идни пробиви на чиста енергија. Инвестицијата на ВБИФ во фазата 2 на ветерниот парк Богданци, со грант од 9 милиони евра, е доказ за долгорочната заложба и партнерство, како со КфВ така и со Владата, поддржувајќи ја Македонија во забрзувањето на нејзината зелена енергетска транзиција. Ова е модел на успешно партнерство во рамки на Зелениот договор, а проширувањето претставува значаен чекор на патот на Македонија кон декарбонизација на енергијата и регионална климатска отпорност.“

Лазо Узунчев, генерален директор на АД ЕСМ

„Во согласност со утврдената временска рамка на проектот, подготвителните теренски активности и изградбата на потребната инфраструктура за прием, монтажа и приклучување на ветерните турбини кон електроенергетската мрежа ќе започнат ова лето. Овој процес треба да биде завршен за 13 месеци, по што ќе започне завршната фаза на монтажа на ветерните турбини, која се очекува да заврши во текот на летото 2027 година.“

Пабло Обрадор, раководител на Енергетскиот оддел при КфВ

„Енергијата од ветер е незаменлива во современиот енергетски микс. Таа нуди пат кон почист воздух, намалени емисии на стакленички гасови, енергетска независност, економски раст и долгорочна одржливост. Од 2014 година, ветерниот парк Богданци стана пример дека енергијата од ветер може да игра многу важна улога во напорите за зелена транзиција и јаглеродна неутралност“.

Стјепан Черкез, СГРЕ – Раководител на продажба за Источна Европа, Блискиот Исток и Турција

„Изразуваме искрена благодарност до Владата на Република Македонија, АД ЕСМ и КФВ за укажаната доверба.  Ми претставува особена чест дека, по успешно реализираната прва фаза од проектот за Ветерниот парк Богданци, со еднаква посветеност и успех ќе ја завршиме и втората фаза.“       

Извор: АД ЕСМ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement