Во Скопје стартува услуга за изнајмување електрични возила – километар чини 22 денари

Скопје. 27 Мај 2025 – Од денеска, жителите на Скопје имаат можност да изнајмат електричен автомобил преку новата Car Sharing услуга Avant2Go, достапна преку мобилна апликација. Оваа иновативна услуга за споделено возење претставува нов чекор кон одржлив урбан транспорт и намалување на загадувањето во главниот град.

На стартот на проектот, на располагање се 100 целосно електрични возила, а изнајмувањето чини 22 денари по изминат километар, што е значително поевтино од традиционалните такси-услуги. Плаќањето и резервацијата на возило се вршат преку апликацијата Avant2Go.mk, која е достапна 24 часа дневно.

Проектот, кој е спроведен од приватна компанија, беше официјално промовиран денеска пред Владата од страна на министерот за животна средина, Изет Меџити, и министерката за енергетика, Сања Божиновска. Двајцата министри пристигнаа со електрично возило од новата флота, симболично означувајќи го почетокот на оваа еко-иницијатива.

Реклама

„Car Sharing значи помалку автомобили на улиците, помалку загадување и поголема ефикасност во користењето на ресурсите. Едно вакво возило може да замени до 15 приватни автомобили,“ изјави министерот Меџити, додавајќи дека оваа иницијатива е во целосна усогласеност со Зелената агенда за Западен Балкан и е дел од напорите за климатска транзиција и евроинтеграција.

Градоначалниците на скопските општини веќе обезбедија посебни паркинг зони за новите возила. Во моментот, возила се достапни во Гази Баба, Чаир, Кисела Вода и Аеродром, со планови за проширување на достапноста и флотата.

Министерката Божиновска нагласи дека оваа услуга не само што има еколошки придобивки, туку претставува и економска алтернатива за граѓаните, кои повеќе нема да мораат да инвестираат во купување дополнително возило.

Со овој чекор, Скопје се приклучува кон модерните европски трендови за одржлива урбана мобилност, нудејќи практична, тивка и еколошки прифатлива алтернатива за движење низ градот.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement