SolarPower Europe: Време е за акциски план за батерии

Брисел. 09 Мај 2025 – Во 2024 година, Европа инсталираше рекордни 21,9 GWh капацитет за складирање електрична енергија преку батерии, што претставува пораст од 15% во однос на претходната година. Иако бројките се историски високи, растот е значително послаб споредено со двојните зголемувања во претходните години, предупредува новиот годишен извештај на SolarPower Europe.

Заклучно со декември, вкупниот капацитет за складирање во Европа достигна 61,1 GWh. Според организацијата, Европа е на почетокот на „епохата на батерии“, по масовната интеграција на соларната енергија. „Ако Европа веќе влезе во соларната ера, тогаш ерата на батериите дури сега започнува“, изјави генералната директорка на SolarPower Europe, Валбурга Хеметсбергер.

Извештајот опфаќа податоци од Европската унија, Обединетото Кралство и Швајцарија, при што ЕУ ја започна 2025 година со 18,5 GWh складиштен капацитет. За годинава се проектира инсталација од 29,7 GWh – раст од 36% во однос на 2024. До крајот на деценијата, аналитичарите очекуваат шесткратно зголемување, со 118 GWh нов капацитет во 2029, што би довело до вкупни 399 GWh во Европа. Но, ова е далеку под целта од 780 GWh потребни до 2030 за целосна поддршка на енергетската транзиција.

Advertisement

Поголем дел од новоинсталираните системи (55%) годинава се очекува да бидат во сегментот на големи мрежни (front-of-meter) батерии, што претставува значително зголемување од ланските 40%. Истовремено, уделот на станбените системи ќе опадне на 33%, во споредба со 55% лани, а комерцијалните и индустриските системи ќе се зголемат на 12%.

Според извештајот, падот на цените на струјата по завршувањето на енергетската криза, намалувањето на субвенциите и стагнацијата кај инсталациите на соларни системи во домаќинствата доведоа до 11% пад на резиденцијалните батерии. И покрај тоа, тие сѐ уште претставуваат 57% од вкупниот инсталиран капацитет.

Во сегментот на големите батерии за електричната мрежа е регистриран раст од 79%, што се смета за пресвртница. Комерцијалниот и индустрискиот сегмент порасна за 17%, но и понатаму останува под потенцијалот, учествувајќи со само 10% во вкупниот капацитет.

На ниво на држави, петте најголеми пазари се непроменети: Германија (6,2 GWh), Италија (6 GWh), Обединетото Кралство (2,9 GWh), Австрија (1,1 GWh) и Шведска (1 GWh). Тие заедно сочинуваат 78% од новите и вкупните инсталации.

Шпанија, иако бележи пад од 41% во 2024 година, се очекува повторно да се врати меѓу водечките пет пазари во 2025, благодарение на закрепнувањето на големите проекти. Лани земјата додаде помалку од 250 MWh.

SolarPower Europe апелира до Европската комисија да усвои акциски план за флексибилност на енергетскиот систем, како дел од поширок пакет мерки. Хеметсбергер предупреди дека неодамнешниот прекин на струја на Иберискиот Полуостров е силен потсетник за потребата од брза акција.

Организацијата повикува и на фер услови на пазарот, вклучително и реформи во јавните тендери за обновливи извори и во начинот на доделување договори за разлики (CfD), со цел да се стимулираат хибридни проекти со соларни панели и батерии.

Извор: SolarPower Europe

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement