Рускиот ЛНГ на излезна врата од европскиот пазар

Брисел, 08 Мај 2025 – Според документот насловен како Патоказ за запирање на увозот на руска енергија, објавен на 06 Мај годинава, Европската Комисија веќе следниот месец ќе предложи законска рамка, со која ќе се забранат сите нови и краткорочни договори за руски гас, вклучувајќи го и ЛНГ, најдоцна до крајот на 2025 година. Во втората фаза, до крајот на 2027 година, ќе бидат прекинати и постојните долгорочни договори.

„Нашата цел е јасна: да изградиме европски енергетски систем што не може да биде користен како средство за притисок“, се вели во соопштението на Комисијата.

Иако во изминативе години увозот на руски гас преку гасоводи значително се намали, увозот на ЛНГ од Русија во 2024 година бележи раст од 12%, достигнувајќи 20 милијарди кубни метри, што претставува околу 7% од вкупниот гасен увоз на ЕУ.

Advertisement

Сепак, Европската унија е уверена дека новите инвестиции во инфраструктура и зголемената глобална понуда ќе овозможат безболно премостување на овој прекин. Од 2022 година досега, изградени се 12 нови ЛНГ терминали и извршени се 6 проширувања ширум ЕУ, со што се додадени 70 милијарди кубни метри нов увозен капацитет. Вкупниот капацитет сега надминува 250 милијарди кубни метри годишно, повеќе од двојно од сегашното ниво на увоз.

Дополнително, ЕУ ќе ја продолжи работата преку платформата AggregateEU за заедничко купување на гас и ќе ги прошири енергетските партнерства со сигурни снабдувачи од САД, Катар, Африка и Блискиот Исток.

Комисијата најавува и нови прописи за транспарентност, со кои ќе се бара од компаниите да ги пријавуваат договорите и количините на руски гас, за да се спречи индиректен увоз преку посредници.

Според енергетските аналитичари, оваа мерка не само што ќе го ослаби руското економско влијание, туку и ќе го забрза преминот кон обновливи извори и зелени технологии, со што ЕУ дополнително ќе ја зацврсти својата енергетска независност.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement