Сингапур. 07 мај 2025 – Цените на нафтата пораснаа во средата, останувајќи над нивото на четиригодишниот минимум, бидејќи пазарот внимателно ги следи најавените трговски преговори меѓу САД и Кина, како и сигналите за слабеење на производството на нафта во САД.
Фјучерсите за брент нафтата се зголемија за 1,2% или 73 центи, достигнувајќи 62,88 долари за барел, додека американската WTI нафта поскапе за 81 цент (1,4%), на ниво од 59,90 долари за барел.
Овој скок доаѓа по драматичниот пад на цените којшто ги доведе двете нафтени референтни марки до најниските нивоа во последните четири години. Причината за падот беше одлуката на ОПЕК+ за забрзано зголемување на понудата, што отвори стравувања за вишок во снабдувањето во услови на ослабната глобална побарувачка.
Но, најавата дека Вашингтон и Пекинг ќе одржат трговски разговори веќе овој викенд им даде свежа надеж на пазарите.
Дополнителна поддршка на растот на цените дојде и како резултат на сигналите за намалување на американското производство. Компании како Diamondback Energy и Coterra Energy најавија намалување на бројот на активни платформи за бушење, што може да доведе до пад на понудата на американска нафта во наредниот период.
Сепак, долгорочната стабилизација на побарувачката ќе зависи од конкретноиот исход во однос на царинските пореговори меѓу САД и остатокот од Светот.
Извор: Ројтерс