Атина, 29 април 2025 – Грчкиот оператор за природен гас ДЕСФА и државниот оператор за пренос на природен гас на Македонија НОМАГАС потпишаа Меморандум за соработка со цел да ја зајакнат меѓусебната координација и да придонесат за развој на одржлива, безбедна и ефикасна гасна инфраструктура во регионот.
Меморандумот беше официјално потпишан за време на 9. Балкански енергетски самит од страна на генералната директорка на ДЕСФА, Марија Рита Гали, и извршниот директор на НОМАГАС, Мухамед Елмази. На настанот присуствуваа и заменик-министерот за енергетика на Грција, Никос Цафос, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини на Македонија, Сања Божиновска, кои ја поздравија иницијативата како значаен чекор кон регионална енергетска поврзаност.
Во фокусот на партнерството е гасоводот меѓу Грција и Македонија, проект долг 123 километри (55 км во Грција и 67 км во Македонија), кој ќе овозможи пристап до нови пазари, зголемување на безбедноста на снабдувањето и поддршка на енергетската транзиција. Гасоводот е дизајниран да биде целосно компатибилен со транспорт на водород, што му овозможува да ја игра клучната улога и во идната декарбонизација.
Покрај тоа, преку поврзување со гасната мрежа на Грција и ЛНГ терминалите во Ревитуса и Александруполис, Македонија добива нови можности за диверзификација на енергетските извори. Проектот веќе е во фаза на изградба и се очекува да биде завршен во првата половина на 2026 година.
Изјави:
Сања Божиновска, министерка за енергетика, рударство и минерални суровини:
„Денешното потпишување е јасна потврда на нашата стратешка визија – да поврзуваме, диверзифицираме и обезбедиме сигурни енергетски системи за иднината. Зајакнувањето на соработката со ДЕСФА значи отворање на Македонија кон нови пазари и поддршка за транзицијата кон одржливи енергетски извори. Интерконекторот не е дизајниран само за денешните потреби, туку и за иднината, каде што чистите технологии ќе играат клучна улога.“
Никос Цафос, заменик-министер за енергетика на Грција
„Потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу ДЕСФА и НОМАГАС е одлучувачки чекор напред за енергетската соработка во нашиот регион. Ова партнерство не само што ги зацврстува врските меѓу Грција и Македонија, туку и ја потврдува нашата заедничка определба за енергетска сигурност и диверзификација. Гасоводот е стратешки проект кој ја зголемува отпорноста и поврзаноста на нашиот регион, отвора нови економски и инвестициски можности и ја консолидира улогата на Грција како клучен енергетски хаб.“
Марија Рита Гали, генерална директорка на ДЕСФА:
„Ова е уште еден важен чекор во нашата мисија за промовирање на регионална соработка преку создавање на модерна и отпорна инфраструктура која ќе ја обликува енергетската иднина на регионот. Со соработката со НОМАГАС, целосно ќе го искористиме нашето знаење и ресурси за забрзан развој на националните гасни системи, диверзификација и подобрување на безбедноста на снабдувањето во Југоисточна Европа.“
Мухамед Елмази, извршен директор на НОМАГАС:
„Овој Меморандум ја потврдува улогата на НОМАГАС во диверзификацијата на снабдувањето со гас на Македонија и поддршката за нејзината енергетска транзиција. Тој нè позиционира како важна алка во транспортот на природен гас и водород во Западен Балкан и Европа. Оваа стратешка соработка со ДЕСФА ја искористува нивната флексибилност и капацитети во насока на градење поотпорен енергетски систем.“
Меморандумот ќе биде во сила десет години, што ја одразува долгорочната определба на двете страни за заедничко делување во корист на енергетската безбедност, регионалната поврзаност и одржливиот развој.
Извор: НОМАГАС/ДЕСФА