Загреб. 29 април 2025 – Хрватската компанија ENNA Solar, дел од ENNA групацијата, потпиша договор за купување на проект за соларна електрана во Романија од австриската компанија Kraftfeld Energy. Станува збор за електрана која ќе биде изградена во Mihăilești, во округот Giurgiu, само 25 километри од Букурешт, на површина од 93 хектари.
Проектот, кој ќе има инсталирана моќност од 87,52 MW и очекувано годишно производство од 133 GWh електрична енергија, претставува прво големо вложување на ENNA надвор од Хрватска. Изградбата започнува во третиот квартал од 2025 година, а пуштањето во работа се очекува една година подоцна.
„Овој проект ја потврдува нашата стратегија за фокусирање кон зелена енергија и е прв чекор на романскиот пазар“, истакна претседателот на управата на ENNA групацијата, Боштиан Напаст.
Купопродажниот договор предвидува пренос на 100% сопственост врз специјализираното друштво PVP Cepheus S.R.L., кое го разви Kraftfeld Energy. Финализацијата на трансакцијата е условена со добивање регулаторни одобренија во Романија.
Покрај инвестициите во соларна енергија, ENNA групацијата активно развива проекти за геотермални електрани во Хрватска и работи на системи за складирање на енергија. Во план се вложувања од вкупно 1 милијарда евра во енергетскиот и логистичкиот сектор во следните години.
Извор: Enna.hr