Скопје. 22 април 2025 – Паркот на ветерни електрани „Богданци“ се проширува со четири нови турбини, секоја со моќност од 3,4 MW, што ќе ја зголеми вкупната инсталирана моќност на 50 MW. Со ова, годишното производство на зелена енергија, произведена од овој ветерен парк ќе се зголеми за 37.000 MWh.
Проектот, вреден 37,6 милиони евра, е финансиран преку заем од КфВ Банка (25,7 милиони евра), грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (8,9 милиони евра) и сопствени средства на АД ЕСМ (3 милиони евра).
„Благодарение на поддршката од КфВ и WBIF, го зајакнуваме капацитетот за производство на обновлива енергија. По завршувањето на втората фаза во 2027 година, планираме трета фаза за дополнителни 50-80 MW“, изјави Иван Аџија Стојановски, директор за финансии на АД ЕСМ, по посетата на локацијата со претставници на КфВ.
Ветерниот парк „Богданци“, пуштен во употреба во 2014 година, моментално со 16 турбини од 36,8 MW произведува околу 100 GWh годишно, снабдувајќи 60.000 граѓани и намалувајќи ги емисиите на CO2.
Извор: Енергетика24.мк