Брисел. 21 април 2025 – Новинската агенција Ројтерс објавува дека Европската Комисија подготвува понуда за трговски преговори со САД, во чиј фокус е соработката во доменот на енергетиката, со цел да се избегнат најавените царини од страна на претседателот Доналд Трамп. Според информациите, двете страни гледаат можност за поширок договор, при што Трамп инсистира ЕУ да го зголеми увозот на американски гас и нафта за да се намали трговскиот суфицит на Унијата со САД, додека претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, сигнализира подготвеност за зголемување на набавките на LNG, во согласност со целта на ЕУ да се откаже од рускиот гас до 2027 година.
Во овој контекст, Ројтерс пренесува дека, за да ги олесни преговорите, Комисијата размислува за флексибилна примена на своите правила за метан. Според тројца извори запознати со темата, ова би вклучило технички измени што би им овозможиле на американските извозници да се сметаат за усогласени со ЕУ стандардите, без да се загрози суштината на ЕУ легислативата во оваа област. Ваквиот потег би им помогнал на американските компании да ги исполнат барањата на ЕУ, со што би се зајакнала трговијата со LNG.
Ројтерс констатира дека американските извозници се соочуваат со предизвици поради фрагментираната природа на нивната гасна индустрија, што го отежнува следењето на емисиите на метан долж синџирот на снабдување. Покрај ова, плановите на Трамп за укинување на американските регулативи за пријавување на емисиите на метан би можеле дополнително да го комплицираат процесот, правејќи ја усогласеноста со европските стандарди потешка.
Ројтерс нагласува дека легислативата на ЕУ за метан, која од 2024 година бара од увозниците на гас да ги мониторираат и пријавуваат емисиите, може да му даде предност на американскиот LNG во однос на добавувачите со повисоки емисии, како што се Русија и Алжир. Од 2027 година, усогласеноста со овие правила ќе стане задолжителна за склучување нови договори со европските купувачи, што дополнително ја нагласува важноста на олеснувањата за американските извозници.
Инаку, САД веќе се најголемиот снабдувач на LNG за ЕУ, обезбедувајќи 45% од увозот на LNG во 2024 година, или 16,5% од вкупниот увоз на гас во Унијата. За да ги адресира грижите на американските компании, Комисијата неодамна одржа онлајн состанок со нив, но портпарол на Комисијата одби да коментира за можните измени во регулативата, истакнувајќи само дека дијалогот со индустријата продолжува.
Ројтерс заклучува дека овие напори се дел од стратегијата на ЕУ да ја зајакне енергетската независност и да обезбеди алтернативи за рускиот гас, додека истовремено се справува со трговските притисоци од САД. Потенцијалните олеснувања за американскиот LNG би можеле да го зацврстат партнерството меѓу ЕУ и САД во енергетскиот сектор, но нивната имплементација останува сложен предизвик.
Извор: Ројтерс