Европската револуција на електрични возила заглавена поради недостиг на полначи

Берлин. 19 април 2025 – Европската Унија напредува во изградбата на мрежата за полнење на електрични возила, но целта од 3,5 милиони станици до 2030 година останува далеку, покажува најновиот извештај на компанијата gridX. Со вкупно 882.020 инсталирани полначи низ земјите на ЕУ и уште дополнителни 138.429 во земји како Исланд, Норвешка и Обединетото Кралство, континентот се соочува со потреба од тројно зголемување на инсталациите со цел да се забрза преоѓањето од бензински на електрични возила, еден од клучните елементи во амбициозните планови на ЕУ за постигнување на климатска неутралност. Говорејќи за бројките, Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA) предупредува дека за целосна транзиција кон електрични возила можеби ќе бидат потребни дури 8,8 милиони полначи до 2030 година.

Инаку, извештајот на gridX открива дека просечниот домет на електричните возила во Европа достигнува 389,3 километри, но неразвиената мрежа на полначи го отежнува патувањето на долги релации. На пример, возењето од Лисабон до Бјалисток бара внимателно планирање на најмалку 10 застанувања за полнење. Источна и Јужна Европа бележат раст во брзите полначи, но заостануваат во однос на густината на мрежата, додека Холандија и Нордиските земји предничат.

Advertisement

Преоптоварените мрежи и бирократските процедури го попречуваат напредокот, се вели во извештајот, но растот од 37% во 2025 година во однос на 2024 нуди надеж. Истражувањето покажува дека 73% од возачите користат електрични возила за кратки патувања, а 70% однапред планираат полнење, често преферирајќи домашни полначи поради цените.

Европската комисија, преку својот Акционен план за автомобилската индустрија, ветува поддршка за рамномерен развој на мрежата на полначи и истовремено, признава дека нееднаквата распределба на полначите, дури и во рамките на една земја, го отежнува преминот кон електрична мобилност. Затоа, Европа мора драстично да го забрза проширувањето на инфраструктурата ,бидејќи во спротивно, електричната револуција ризикува да остане заглавена на половина пат.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил

Со кликање на „Претплати се“, потврдувате дека сте ги прочитале и се согласувате со нашатаПолитика за приватност иУслови за употреба
Advertisement