Скопје. 09 април 2025 – Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска присуствува на отворањето на третото издание на ESG Adria Summit 2025, кое се одржува во Порто Монтенегро во Тиват, Црна Гора. Свеченото отворање на самитот утринава го означи претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, во присуство на премиерот Милојко Спајиќ и бројни високи претставници од регионот и пошироко.
ESG Adria Summit, познат како најголемата регионална платформа за одржлив развој, иновации и ESG политики (Environmental, Social, Governance), годинава собра над 700 учесници. Меѓу нив се владини функционери, бизнис лидери, претставници на финансиски институции и меѓународни организации, кои дискутираат за клучните предизвици и можности во овие области.

Министерката Божиновска ќе има активно учество на самитот, говорејќи на неколку клучни панели посветени на енергетската транзиција и одржливото финансирање. Таа ќе ги презентира искуствата и напорите на земјава во имплементацијата на зелени политики и проекти. Меѓу главните точки на нејзиното учество се:
- High-Level Panel: Мобилизирање капитал за зелени проекти – дискусија за стратегии за привлекување инвестиции во зелени иницијативи во регионот;
- Енергетските аукции како катализатори за распоредување на обновливите извори на енергија во Западен Балкан – панел организиран од Европската банка за обнова и развој (EBRD), фокусиран на забрзување на развојот на обновливите извори на енергија;
- Интеграција на пазарот на електрична енергија и CBAM – Preparing Utilities for the Future – настан на Секретаријатот на Енергетската заедница, каде министерката ќе одржи 15-минутно излагање заедно со црногорскиот министер Адмир Шахмановиќ.
„Овој самит е исклучителна платформа за размена на идеи и искуства. Нашата земја е посветена на енергетската транзиција и одржливиот развој, а учеството овде е можност да ги презентираме нашите напори и да учиме од регионалните партнери“, изјави министерката Божиновска пред почетокот на настанот.
Извор: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини