МЕМО воведе можност за тргување со негативни цени на електрична енергија

Од денеска, на организираниот пазар на електрична енергија во земјава е овозможено доставување понуди и налози со негативни цени, со што домашниот пазар се усогласува со европските практики и добива поголема флексибилност во тргувањето.

Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, во соработка со Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, од денеска овозможува тргување со негативни цени на организираниот пазар на електрична енергија. Промената е дел од реформските активности предвидени со Реформската агенда и претставува чекор кон усогласување на домашниот пазар со механизмите и ценовните прагови што се применуваат на европските берзи.

Со новите правила значително се прошируваат ценовните граници во рамките на двата организирани пазари. На пазарот ден однапред (MATS), досегашниот опсег од 0,10 до 1.000 евра за мегават-час се менува на интервал од -600 до 4.000 евра за мегават-час. Кај пазарот во тековниот ден (M7), ценовните граници се прошируваат од досегашните 0,10–9.999,99 на -9.999,99 до 9.999,99 евра за мегават-час.

РЕКЛАМА

Со ова, учесниците на пазарот добиваат поголема флексибилност при доставувањето понуди и управувањето со своите пазарни позиции, особено во периоди кога производството на електрична енергија е зголемено, а потрошувачката е пониска.

Негативните цени се механизам преку кој пазарот пореално ги одразува односите меѓу понудата и побарувачката. Тие најчесто се појавуваат кога производството на електрична енергија во одредени часови ја надминува потрошувачката, создавајќи вишок електрична енергија. Таквите состојби се особено карактеристични за периоди со високо производство од обновливи извори, кога големи количини електрична енергија од соларните и ветерните електроцентрали се пласираат на пазарот.

Од МЕМО посочуваат дека негативните цени се дел од развојот на современите пазари на електрична енергија и испраќаат сигнал за потребата од подобро управување со производството, приспособување на потрошувачката и обезбедување дополнителни капацитети за флексибилност и складирање.

Особено значење оваа можност има за производителите на електрична енергија од обновливи извори. Кај соларните електроцентрали, најголемото производство се остварува во часовите со најинтензивно сончево зрачење, што во услови на висока инсталирана моќност може да предизвика зголемена понуда и притисок врз пазарните цени. Во такви околности, можноста за тргување со негативни цени дополнително ја нагласува потребата од попрецизно планирање на производството, инвестиции во батериски системи за складирање и примена на технологии за поефикасно управување со енергетските текови.

Од МЕМО нагласуваат дека воведувањето на оваа функционалност не значи дека негативните цени автоматски ќе се појават на пазарот. Тие и понатаму ќе се формираат во зависност од реалните пазарни услови, односно од понудата и побарувачката. Исто така, можноста за тргување со негативни цени не подразбира автоматско намалување на сметките за електрична енергија или негативни сметки за домаќинствата.

„Важно е македонскиот пазар да располага со механизми што ќе ги одразуваат реалните пазарни услови и ќе овозможат подобра интеграција со европскиот енергетски пазар. Со оваа промена, МЕМО продолжува да придонесува кон развојот на модерен, транспарентен, конкурентен и ефикасен пазар на електрична енергија, како и кон неговото понатамошно усогласување со европските практики“, истакнуваат од операторот.

Воведувањето на негативните цени претставува уште еден чекор во модернизацијата на организираниот пазар на електрична енергија во земјава. Со проширувањето на ценовните граници се создаваат услови за подобро интегрирање на обновливите извори, поефикасно управување со вишоците електрична енергија и понатамошно поврзување на домашниот со европскиот пазар.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил