Инвестициите во електроенергетските мрежи во Европската Унија ќе продолжат да се зголемуваат до 2030 година, но доцнењето на инфраструктурните проекти и преоптовареноста на мрежите би можеле дополнително да ги зголемат трошоците за потрошувачите. На ова предупредува Агенцијата на ЕУ за соработка на енергетските регулатори (ACER), посочувајќи дека модернизацијата и проширувањето на мрежната инфраструктура стануваат сè поважни за енергетската транзиција.
Од 18 земји кои доставиле процени за извештајот на АЦЕР, дури 15 очекуваат инвестициите во електроенергетските мрежи во 2030 година да бидат повисоки отколку во 2025 година. Најголем раст предвидува Холандија, каде што вложувањата би можеле да достигнат речиси петкратно повисоко ниво во споредба со 2025 година. Наспроти овој тренд, Естонија, Летонија и Кипар прогнозираат намалување на инвестициите.
Зголемените вложувања се неопходни за проширување на капацитетите, приклучување на нови извори на електрична енергија и справување со растечките потреби на електроенергетскиот систем. Сепак, нивното финансирање ќе се одрази и врз сметките на потрошувачите, бидејќи повисоките инвестиции во мрежата може да доведат до зголемување на мрежните тарифи.
Според процените на секторот наведени во извештајот, трошоците за електроенергетските мрежи што ги плаќаат потрошувачите до 2050 година би можеле да бидат повисоки за 50% до 100% во споредба со сегашното ниво. АЦЕР посочува дека меѓу главните причини за ваквиот раст ќе бидат потребата од поголеми инвестиции во мрежната инфраструктура, повисоките цени на производството на опрема и материјали, како и притисокот врз мрежните тарифи.
Дополнителен фактор е очекуваниот пад на потрошувачката на природен гас. Според прогнозите, побарувачката за гас во ЕУ до 2030 година ќе се намали за околу 18% во однос на нивото од 2025 година, во согласност со климатските цели на Унијата. Со намалувањето на бројот на корисници на гасната мрежа, фиксните трошоци за нејзино одржување ќе се распределуваат меѓу помал број потрошувачи, што може да создаде дополнителен притисок за зголемување на тарифите.
Извештајот укажува на предизвикот со кој се соочува европскиот енергетски сектор: потребни се значителни вложувања во инфраструктурата за да се обезбеди сигурно снабдување и да се поддржи енергетската транзиција, но истовремено треба да се ограничи пренесувањето на растечките трошоци врз крајните потрошувачи.
Извор: Acer.europa.eu
