Скопје домаќин на првиот Форум за енергетска дипломатија – во фокусот обновливите извори и жените во енергетиката

Македонија продолжува да ја зајакнува својата улога во меѓународната енергетска соработка. На 25 ноември во Скопје ќе се одржи првиот Форум за енергетска дипломатија, посветен на обновливите извори на енергија и лидерството на жените во енергетскиот сектор, со учество на високи владини претставници, меѓународни организации, финансиски институции, дипломати и претставници на приватниот сектор.

Скопје на 25 ноември 2026 година ќе биде домаќин на првиот Форум за енергетска дипломатија – „Обновливи извори и жени во енергетиката“, чија цел е да ја зајакне регионалната и меѓународната соработка во унапредувањето на енергетската безбедност, економската отпорност и транзицијата кон одржливи и инклузивни енергетски системи.

Настанот го организира Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, во партнерство со Канцеларијата на Обединетите нации во Македонија, Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) и Економската комисија на Обединетите нации за Европа (УНЕЦЕ).

РЕКЛАМА

Форумот ќе собере претставници на владите, меѓународните организации, финансиските институции, дипломатскиот кор и приватниот сектор, со цел да отвори простор за политички дијалог, размена на искуства и идентификување конкретни можности за соработка. Посебен акцент ќе биде ставен на забрзувањето на инвестициите во обновливи извори на енергија, мобилизирањето зелено финансирање и продлабочувањето на регионалните партнерства, особено во Западен Балкан.

Една од централните теми ќе биде и поголемото учество на жените во енергетиката, нивната застапеност во процесите на креирање политики и нивната улога во меѓународната енергетска дипломатија. Во таа насока, на форумот е предвидено да се разгледа и иницијатива за воспоставување мрежа на жени во енергетската дипломатија – „Women in Energy Diplomacy Network“, која би овозможила поврзување, размена на знаења и поголема видливост на жените на раководни и експертски позиции во секторот.

Активноста на Македонија во енергетската дипломатија е особено засилена во изминатите две години, преку организирање меѓународни настани, учество на високи меѓународни средби и продлабочување на регионалните партнерства. Еден од најзначајните примери е 14. Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), кој се одржа во Скопје од 28 до 30 октомври 2025 година, во организација на Министерството за енергетика, УНДП и петте регионални комисии на Обединетите нации, меѓу кои и УНЕЦЕ. Настанот собра повеќе од 500 учесници од над 70 земји, вклучувајќи владини претставници, меѓународни институции, експерти и претставници на бизнис-заедницата. Форумот заврши со усвојување на Скопската декларација, со која беше упатен повик за посилна меѓународна соработка и забрзување на инвестициите во чиста и достапна енергија.

Дополнителен пример за активната меѓународна позиција на земјата е учеството на министерката за енергетика Сања Божиновска на шестиот Форум за трансатлантска енергетска соработка (P-TEC), одржан во Атина во ноември 2025 година, каде што оствари средби со американскиот министер за енергетика Крис Рајт, грчкиот министер Стaврос Папаставру и бугарскиот министер Жечо Станков. Во април 2026 година, Божиновска учествуваше и на Неделата на управување со ресурсите на UNECE, каде што ја претстави позицијата на земјата за одржливо управување со ресурсите, енергетската безбедност и потребата од меѓународна соработка.

На регионален план, значаен чекор беше и приклучувањето на Македонија кон иницијативата „Вертикален коридор“ за транспорт на природен гас, преку меморандумот што НОМАГАС го потпиша во септември 2026 година во Солун. Со тоа земјата се вклучи во пошироката регионална мрежа за диверзификација на снабдувањето и поврзување на гасните пазари во Југоисточна и Централна Европа. Паралелно, се развиваат проектите за гасните интерконектори со Грција и Србија, а во октомври 2026 година во Белград се одржа и регионална средба на министрите за енергетика на Македонија, Србија, Грција и Бугарија, посветена на зајакнувањето на енергетската безбедност и инфраструктурното поврзување.

Во тој контекст, новиот Форум за енергетска дипломатија треба да ја продолжи оваа насока на меѓународна и регионална соработка, но и да отвори простор за нејзино проширување со посебен фокус на обновливите извори и улогата на жените во енергетскиот сектор.

Организаторите очекуваат заедничките приоритети и заклучоци од форумот да се преточат во конкретни можности за соработка, инвестиции и заеднички иницијативи. Долгорочната амбиција е воспоставување трајна регионална платформа за енергетска дипломатија, која ќе придонесува за подобра координација меѓу земјите, поголема енергетска сигурност и поодржлива иднина на енергетските системи.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил