Конзорциум предводен од американскиот милијардер Тод Боли подготвува трансакција со замена на замрзнати хартии од вредност за преземање на меѓународниот имот на руската нафтена компанија „Лукоил“, а договорот би можел да биде постигнат во наредните неколку недели, објави „Ројтерс“, повикувајќи се на четири извори запознаени со процесот на продажба.
Според информациите на агенцијата, банка што работи во име на конзорциумот веќе купила хартии од вредност на „Лукоил“ во вредност од неколку милијарди долари од западни инвестициски фондови. Планот е тие замрзнати вложувања да се искористат во замена за странските средства на руската компанија, во трансакција што не би вклучувала директна парична исплата.
Портфолиото на „Лукоил“ првично беше проценето на околу 22 милијарди долари и опфаќа нафтени полиња, рафинерии и мрежи на бензински станици во Европа, Блискиот Исток и Африка. Сепак, неговата вредност во меѓувреме е намалена, бидејќи дел од средствата престанале да работат, наведуваат два извора на „Ројтерс“.
Во конзорциумот, покрај Боли, кој е американски бизнисмен и инвеститор со удели во спортските клубови „Лос Анџелес Доџерс“ и „Лос Анџелес Лејкерс“, учествуваат и инвеститори од Обединетите Арапски Емирати – „Интернешнл холдинг компани“ и „Ал Хаил холдинг“. Поддршка за понудата даваат и браќата Ал-Хајат, сириско-катарски бизнисмени, како и американската Корпорација за меѓународно развојно финансирање (ДФЦ).
Според изворите, банката што ја застапува групата купила хартии од вредност на „Лукоил“ од околу десет инвестициски фондови во САД и Велика Британија, како и од американски депозитарни банки што ги чувале во име на индивидуални инвеститори. Тие биле купувани по цена од околу 30 центи за секој долар номинална вредност, што претставува значителен дисконт поради санкцискиот статус на руската компанија.
Клучно прашање во преговорите е начинот на кој ќе се спречи средствата од трансакцијата да завршат директно кај „Лукоил“ или да ѝ донесат финансиска корист на Москва. Според два извора, конзорциумот добил можност да продолжи со постапката откако се согласил стекнатите хартии од вредност да ги депонира на посебна сметка под надзор, наместо директно да ѝ ги пренесе на руската компанија.
Продажбата започна по американските санкции
Процесот за продажба на странските средства на „Лукоил“ започна по воведувањето американски санкции против компанијата во октомври 2025 година. Во декември истата година, американското Министерство за финансии одби претходна понуда од група во која учествуваше американската банка „Икстелус партнерс“, со образложение дека „Лукоил“ не треба да оствари неочекувана финансиска добивка од продажбата, ниту преку акции ниту преку парична исплата.
Според претходни извештаи на „Ројтерс“, за странските средства на руската компанија интерес покажале повеќе од десет потенцијални купувачи, меѓу кои нафтените гиганти „Ексон мобил“ и „Шеврон“, американската инвестициска група „Карлајл“, како и други инвеститори. „Карлајл“ се повлекла од трката минатиот месец, со што конзорциумот предводен од Боли се позиционирал како водечки кандидат.
Продажбата на меѓународното портфолио на „Лукоил“ е значаен тест за ефектите од западните санкции, бидејќи треба да покаже дали тие можат да ја принудат големата руска нафтена компанија да се повлече од странските пазари, а истовремено да го ограничат финансискиот ефект од трансакцијата врз Москва.
Доколку биде реализиран, договорот би го завршил процесот на продажба што трае повеќе од една година и би отворил нова фаза во сопственичката структура на значителен дел од меѓународните активности на „Лукоил“.
Извор: Ројтерс
