Енергетиката и вештачката интелигенција во фокусот на стратешкото партнерство на АДНОК и „ОпенАИ“

Ал Џабер: Енергетската безбедност веќе не се мери само според произведените количини, туку и според способноста енергијата да стигне до пазарите

Вештачката интелигенција станува сè поважна алатка за трансформација на енергетскиот сектор, а нејзината примена може да придонесе за поефикасно производство, подобро управување со енергетските ресурси и поголема сигурност на снабдувањето. Ова беше една од главните пораки на отворањето на 42-то издание на меѓународниот енергетски настан АДИПЕК 2026 во Абу Даби, каде што беше објавено стратешко партнерство меѓу енергетската компанија АДНОК, „ОпенАИ“ и технолошката компанија „Г42“.

Со договорот, АДНОК ќе стане првата енергетска компанија во светот што ќе ја примени платформата „ОпенАИ Фронтиер“ во своето работење. Соработката, реализирана под покровителство на престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Калед бин Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, е насочена кон примена на напредни системи за вештачка интелигенција во развојот на наоѓалишта, управувањето со нафтените и гасните бунари и комерцијалните операции.

РЕКЛАМА

Целта е поврзување на податоците и процесите во различните делови од работењето на компанијата, со што одлуките за производство, инвестиции, преработка и пласман на енергенсите ќе можат да се носат побрзо и врз основа на посеопфатни анализи.

Претседателот на АДНОК и министер за индустрија и напредни технологии на Обединетите Арапски Емирати, Султан Ахмед ал Џабер, оцени дека соработката означува нов чекор во примената на вештачката интелигенција во енергетската индустрија.

  • Досега светот прашуваше што може енергетиката да направи за вештачката интелигенција. Сега, заедно, ќе откриеме што може вештачката интелигенција да направи за енергетиката, порача Ал Џабер.

На отворањето се обрати и извршниот директор на „ОпенАИ“, Сем Алтман, кој истакна дека светот ќе има потреба од значително повеќе енергија за да ги искористи можностите што ги отвора забрзаниот развој на вештачката интелигенција. Но, истовремено, новите технологии можат да помогнат во решавањето на дел од најсложените предизвици во енергетскиот сектор.

Според Алтман, напредните модели веќе не се ограничени само на автоматизација на работните задачи, туку сè повеќе се способни да учествуваат во научни истражувања, развој на нови решенија и анализа на комплексни системи. Во енергетиката тоа може да значи поефикасни производни процеси, развој на нови материјали, подобрување на турбините и оптимизација на работењето на енергетските капацитети.

Тој нагласи дека партнерството со АДНОК и „Г42“ ќе овозможи овие можности да се применат врз најзначајните технички и оперативни предизвици на компанијата.

Растечката побарувачка за енергија останува главен предизвик за развојот на вештачката интелигенција

Алтман посочи дека, иако потрошувачката на енергија за секое поединечно барање до системите за вештачка интелигенција значително се намалува благодарение на подобрената ефикасност на моделите, нивната сè поголема употреба ја зголемува вкупната потреба од енергија.

Тој оцени дека технолошката и енергетската индустрија имаат заедничка одговорност да обезбедат услови за понатамошен развој, но и вештачката интелигенција да придонесе за зголемување на енергетската ефикасност и достапноста на ресурсите.

Како еден од најголемите предизвици го посочи физичкото обезбедување енергија за инфраструктурата што ги поддржува овие технологии. Според него, понатамошното намалување на трошоците за развој на вештачката интелигенција ќе биде многу потешко ако не се реши прашањето на достапноста на енергијата и капацитетите потребни за нејзино производство.

Нарушувањата во Ормускиот Теснец ги оголија слабостите на глобалното снабдување

Покрај технолошката трансформација, централна тема на обраќањето на Ал Џабер беше и потребата од поинаков пристап кон глобалната енергетска безбедност, особено по нарушувањата во снабдувањето преку Ормускиот Теснец.

Тој предупреди дека глобалниот енергетски систем со години бил насочен кон максимална ефикасност и минимизирање на залихите, но последните нарушувања покажале колку е важно да постојат резерви и алтернативни транспортни правци.

Според податоците што ги презентираше, од почетокот на нарушувањата во Ормускиот Теснец од глобалните залихи биле повлечени речиси една милијарда барели нафта. Во одредени пазари залихите на дизелот се на најниско сезонско ниво во последните 35 години, додека други се соочуваат со недостиг од околу 600 милијарди кубни стапки течен природен гас.

Дополнително, транспортот и логистиката имаат сè поголем удел во крајната цена на енергенсите. Ал Џабер посочи дека пред нарушувањата нивниот трошок изнесувал помалку од 5% од цената на еден барел нафта, додека сега надминува 30%.

  • Енергетската безбедност повеќе не се мери само на местото на производство, туку и на местото на испорака. Снабдувањето има вредност само ако енергијата навистина стигне до потрошувачите, истакна Ал Џабер.

Тој ги издвојуваше петте приоритети за зајакнување на отпорноста на енергетските системи: зголемување на стратешките резерви и флексибилноста на рафинериските капацитети, изградба на инфраструктура и транспортни правци пред да се појави потребата од нив, поширока примена на технологии за предвидување ризици и подобрување на работењето, обезбедување стабилни услови за инвестиции и финансиска поддршка, како и вложување во човечкиот капитал.

Според него, енергетската инфраструктура мора да се развива однапред, а не дури откако ќе се појават прекини во снабдувањето. Затоа, покрај производните капацитети, сè поголемо значење добиваат складирањето, рафинериските капацитети, логистиката и меѓународните транспортни врски.

Ал Џабер посочи дека АДНОК во изминатите години инвестирала во модернизација на своето работење, меѓународната трговија, логистиката и развојот на портфолиото во секторите на гасот, хемијата и енергетските решенија. Овие инвестиции, заедно со примената на вештачката интелигенција, треба да овозможат подобра координација на процесите и поголема подготвеност за пазарни нарушувања.

Тој порача дека Обединетите Арапски Емирати ќе продолжат да се залагаат за дијалог, дипломатија и политички решенија што ќе придонесат за стабилност на енергетските текови и глобалната економија.

На крајот од обраќањето, Алтман ја нагласи и потребата човекот да ја задржи контролата врз развојот и примената на вештачката интелигенција, оценувајќи дека технологијата треба да им служи на луѓето, а не да ги заменува во донесувањето на суштинските одлуки.

АДИПЕК 2026 ги обединува владините претставници, енергетските компании, инвеститорите и технолошките лидери во време кога глобалната индустрија се соочува со истовремени предизвици – растечка побарувачка, нарушувања на синџирите на снабдување и забрзана дигитализација. Пораките од отворањето упатуваат дека идната енергетска безбедност ќе зависи не само од тоа колку енергија може да се произведе, туку и од тоа колку ефикасно таа може да се складира, транспортира и испорача, со поддршка на новите технологии.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил