ОКТА со добивка од 34,1 милиони евра во првите девет месеци, приходите пораснале за 105%

ОКТА остварила ЕБИТДА од 2,34 милијарди денари, односно околу 38 милиони евра, во првите девет месеци од 2026 година, што претставува раст од 356% во споредба со истиот период од минатата година. Подобрените резултати се должат на зголемениот обем на продажба, подобрените комерцијални перформанси и позитивните ефекти од вреднувањето на залихите.

Приходите од продажба достигнале 57,62 милијарди денари, или околу 937 милиони евра, што е раст од 105% на годишно ниво. Бруто-добивката се зголемила за 205%, на 2,96 милијарди денари, додека добивката пред оданочување достигнала 2,31 милијарди денари, односно околу 37,5 милиони евра, со раст од 371%.

Нето-добивката на компанијата изнесувала 2,06 милијарди денари, или околу 33,5 милиони евра, што е за 361% повеќе во однос на 447 милиони денари остварени во првите девет месеци од 2025 година.

РЕКЛАМА

Значително подобрување е забележано и кај прилагодената ЕБИТДА, која го исклучува ефектот од вреднувањето на залихите. Таа достигнала 1,13 милијарди денари, односно околу 18,3 милиони евра, што е двојно повеќе во споредба со 564 милиони денари во истиот период лани. Овој показател упатува на подобрување на основните деловни перформанси на компанијата, независно од промените во вредноста на залихите.

Посилен раст на продажбата во третиот квартал

Само во третиот квартал од 2026 година, приходите од продажба на ОКТА достигнале 25,14 милијарди денари, или околу 408 милиони евра, што е раст од 143% во споредба со истиот квартал лани.

ЕБИТДА во третиот квартал изнесувала 996 милиони денари, односно околу 16,2 милиони евра, наспроти 264 милиони денари во истиот период од 2025 година. Прилагодената ЕБИТДА достигнала 297 милиони денари, или околу 4,8 милиони евра, што претставува раст од 15%.

Од компанијата наведуваат дека силната побарувачка на пазарот и зголемената логистичка флексибилност придонеле за раст на вкупниот обем на продажба. Дополнително, користењето на продуктоводот Солун–Скопје ги зајакнало капацитетите за снабдување на регионалните пазари, кои и натаму се соочуваат со построги услови за испорака.

Растот на приходите бил поттикнат од поголемиот обем на продажба на домашниот и извозниот пазар, како и од повисоките цени на горивата.

Оперативните трошоци во деветмесечниот период се зголемиле за 35%, достигнувајќи 619 милиони денари, или околу 10 милиони евра. Според ОКТА, растот главно се должи на повисоките регулаторни такси, трошоците за вработените и другите услуги поврзани со стратешките иницијативи за развој на компанијата.

Над 7 милиони евра поддршка за домашниот пазар

Покрај финансиските резултати, ОКТА наведува дека продолжила да го поддржува домашниот пазар преку привремени и насочени попусти на горивата во периоди на изразена нестабилност на меѓународните цени.

Од март 2026 година, овие иницијативи обезбедиле поддршка во вредност од повеќе од 7 милиони евра. Според компанијата, мерките придонеле за стабилност на пазарот и намалување на притисокот низ синџирот на снабдување со горива, со истовремено одржување на сигурноста на испораките.

Третиот квартал беше одбележан и со лансирањето на кампањата „Програма гаранција“, насочена кон гарантирање на квалитетот и количината на горивата. Компанијата продолжила и со активности во рамките на корпоративната општествена одговорност, со иницијативи за заштита на животната средина, безбедност на патиштата и образование.

Во следниот период, како што оценува ОКТА, геополитичките случувања, глобалните економски услови и движењата на понудата и побарувачката ќе продолжат да влијаат врз пазарите на горива. Компанијата најавува дека фокусот ќе го задржи на оперативната ефикасност, сигурноста на снабдувањето и спроведувањето на своите стратешки иницијативи.

Извор: Okta-elpe.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил