Енергетската компанија од Обединетите Арапски Емирати „Масдар“ потпиша договор за преземање и развој на фотоволтаичен проект со инсталирана моќност од 550 мегавати во Грција, кој по завршувањето ќе биде меѓу најголемите соларни капацитети во земјата. Проектот го презема од британската компанија „Лајтсорс БП“, а неговото пуштање во работа е планирано до крајот на 2026 година.
Покрај изградбата на соларниот капацитет, „Масдар“ планира проектот да го надгради со батериски систем за складирање електрична енергија. Засега не се објавени детали за моќноста и капацитетот на планираниот систем.
Договорот беше објавен за време на посетата на престолонаследникот на Абу Даби, шеикот Калед бин Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, на Грција, во рамки на активностите за унапредување на соработката меѓу двете земји во енергетиката и технологијата.
Инвестиција преку „Терна енерџи“
Проектот претставува прва стратешка инвестиција на „Масдар“ преку грчката компанија „Терна енерџи“, откако во 2024 година стекна мнозински удел во неа со трансакција вредна 3,21 милијарда американски долари, односно 2,87 милијарди евра. Минатата година „Масдар“ ја зголеми сопственоста на 100%.
Компанијата ја користи „Терна енерџи“ како основа за проширување на своето портфолио на обновливи извори на енергија во Југоисточна и Централна Европа.
Претседателот на „Масдар“ и министер за индустрија и напредни технологии на ОАЕ, Султан Ахмед Ал Џабер, оцени дека инвестициите во обновливи извори и новата соработка со компанијата „Хазна дата центерс“ ги поврзуваат чистата енергија и дигиталната инфраструктура.
Според него, овие иницијативи треба да ја зајакнат енергетската сигурност на Грција, да ја поддржат нејзината амбиција да стане регионален центар за дигитални технологии и да отворат можности за нови инвестиции и економски раст.
„Масдар“ веќе го проширува присуството и во Црна Гора. Претходно годинава склучи договор за заеднички развој на два фотоволтаични проекта со националната електроенергетска компанија „Електропривреда Црне Горе“ – „Штедим“ со моќност од 115 MW и „Крупац“ со 35 MW.
Соработка за зелени центри за податоци
Паралелно со соларниот проект, „Масдар“ потпиша меморандум за разбирање со компанијата „Хазна дата центерс“ од ОАЕ, со цел да се унапреди развојот на центри за податоци со зелена енергија во Грција.
Засега не е соопштено дали и на кој начин електричната енергија од новиот соларен капацитет би се користела за снабдување на овие центри.
Развојот на ваквата инфраструктура добива сè поголемо значење поради растечката потрошувачка на електрична енергија од центрите за податоци. Меѓународната агенција за енергија претходно предупреди на нова етапа во растот на побарувачката за електрична енергија поврзана со дигиталните технологии.
Грција настојува да ја искористи својата географска положба меѓу Европа, Африка и Азија за да се позиционира како регионален центар за енергетика и технологија. Во земјата веќе инвестираат големи технолошки компании, меѓу кои и „Мајкрософт“, во развој на центри за податоци.
Извор: Pv-tech.org
