Европската комисија бара начин за зголемување на производството на горива во европските рафинерии

Европската комисија ќе работи на зголемување на производството на горива во европските рафинерии и на создавање услови за долгорочна одржливост на секторот, со цел да се намали притисокот врз цените и зависноста од увоз. Ова го најави еврокомесарот за енергетика и домување Дан Јоргенсен по првиот дијалог на високо ниво со европската рафинериска индустрија, посветен на енергетската безбедност, конкурентноста и одбранбената подготвеност на ЕУ.

Јоргенсен предупреди дека Европа повторно се соочува со енергетска криза поради геополитичките тензии, при што значително се зголемени светските цени на суровата нафта и нафтените деривати, а трошоците за гориво создаваат дополнителен товар за компаниите и домаќинствата.

И покрај притисоците, европските рафинерии имале важна улога во одржувањето на сигурноста на снабдувањето, обезбедувајќи горива според потребите на пазарот, вклучително и авионско гориво. Сепак, според процените на Меѓународната агенција за енергетика, глобалниот пазар на дизел ќе остане затегнат и во текот на 2027 година, што ќе придонесува за одржување на високите цени.

РЕКЛАМА

– Мора да обезбедиме сигурно снабдување за граѓаните, бизнисите и одбраната, но и овие испораки да бидат достапни по прифатливи цени. Зависностите се опасни, а оваа криза е предупредување дека мора да го промениме трендот и да обезбедиме соодветни и флексибилни капацитети за преработка на нафта во Европа – изјави Јоргенсен.

Тој посочи дека во изминатите две децении биле затворени околу една четвртина од рафинериите во ЕУ, што довело до намалување на домашните капацитети за преработка за околу 10%. Според него, зачувувањето на рафинериските капацитети не е само прашање на економска конкурентност, туку и на безбедност.

На средбата, со која претседаваа Јоргенсен и еврокомесарот за одбрана и вселена Андриус Кубилиус, учествуваа претставници на рафинериската индустрија, производители на горива, инженерски и технолошки компании, индустриски здруженија и НАТО. Разговорите се фокусираа на непосредните последици од нарушувањата во снабдувањето поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, подоброто искористување на постојните рафинериски капацитети и потребните инвестиции за долгорочна трансформација на секторот.

Европската комисија ќе ги разгледа предлозите на индустријата за зголемување на производството, а работата ќе продолжи на техничко ниво. Следната средба е планирана за почетокот на 2027 година, кога ќе се направи процена на постигнатиот напредок.

Јоргенсен нагласи дека мерките не треба да се ограничат само на справување со актуелната криза. Според него, потребно е да се создадат услови за доволно домашно производство на горива и за долгорочна одржливост на европските рафинерии во процесот на декарбонизација.

Во таа насока, рафинериите и новите производители треба постепено да го зголемуваат производството на биогорива и синтетички горива. Производството на обновливи течни горива веќе надоместило дел од намалувањето на рафинериските капацитети во Европа, а нивниот потенцијал може дополнително да придонесе за намалување на ризиците поврзани со увозот на горива.

Европската комисија и претставниците на секторот ќе подготват заедничка патоказна рамка за трансформација на индустријата, усогласена со безбедносните цели и климатските амбиции на ЕУ.

Според податоците на Европската комисија, рафинериите во ЕУ обезбедуваат околу 70% од авионското гориво и 85% од дизелот што се трошат во Европа. Двата деривата се клучни за транспортот, економската активност и одбраната.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил