Скопје беше домаќин на првиот „Global Trade & Growth Forum 2026“, во фокусот извозот и глобалната конкурентност

Повеќе од 200 претставници на бизнис-заедницата, извозници, инвеститори и државни и дипломатски претставници учествуваа на првиот „Global Trade & Growth Forum 2026“, одржан во Скопје, на кој се разговараше за можностите за поголемо присуство на македонските компании на меѓународните пазари, развојот на трговијата и значењето на транспортната и логистичката поврзаност.

Форумот, организиран од Швајцарско-македонската стопанска комора во стратешко партнерство со глобалната логистичка компанија „Медитеранеан Шипинг Компани“ (MSC), се одржа под мотото „Локална сила. Глобално влијание.“ Поддршка за настанот обезбеди Швајцарија преку Швајцарската агенција за развој и соработка и Државниот секретаријат за економски прашања, како и програмите ИМЕ, СИППО и СвисЕП.

Во центарот на дискусиите беа условите за зголемување на извозот, подобрувањето на конкурентноста на домашните компании, инфраструктурните предизвици и можностите за поврзување со глобалните синџири на снабдување.

РЕКЛАМА

Генералната директорка на MSC Македонија и потпретседателка на Швајцарско-македонската стопанска комора, Сања Радовановиќ, посочи дека земјата располага со потенцијал што може да се претвори во поголем меѓународен деловен успех, особено преку претприемништвото, квалитетот на производите и стратешката географска положба.

Таа нагласи дека домашните компании треба поактивно да бараат можности на странските пазари и да ги претставуваат своите производи и услуги пред меѓународните партнери.

Претседателката на Комората, Соња Стефановска, оцени дека размената на искуства со швајцарскиот бизнис-сектор може да придонесе за развој на поконкурентна и поотпорна економија. Како важни фактори ги посочи иновациите, квалитетот, сигурноста и институционалната поддршка.

Амбасадорот на Швајцарија во Северна Македонија, Кристоф Сомер, истакна дека трговијата има суштинска улога во економскиот раст, а меѓународната поврзаност станува сè поважна за конкурентноста на компаниите. Тој ја потврди подготвеноста на Швајцарија за продолжување на економската соработка со Северна Македонија, со акцент на иновациите и проширувањето на пазарните можности.

Транспортната инфраструктура и трговските коридори во фокусот

Еден од клучните сегменти на форумот беше посветен на инфраструктурата како предуслов за развој на трговијата и поефикасен пристап до странските пазари. Во дискусијата учествуваше вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој се осврна на предизвиците со кои се соочуваат македонските превозници.

Николоски ја поздрави поддршката од Швајцарија за решавање на проблемот со работните визи за возачите, посочувајќи дека ваквите мерки можат да придонесат за полесно одвивање на меѓународниот транспорт.

„Швајцарија тука беше прва, за што се заблагодарувам. Почна да издава вакви работни визи за возачите и се надевам дека тоа ќе биде пример што ќе го следат и другите земји членки на шенген зоната“, изјави Николоски.

Прашањата за транспортната поврзаност и логистиката беа разгледани и на панелот за стратешките трговски коридори, на кој учествуваа претставници на MSC, „Макстил“, „Алијанс Уан Македонија“ и „Фимар Балкан“. Разговорите опфатија теми поврзани со зелената транзиција, брзината на транспортот и начините за подобро позиционирање на македонските производи на меѓународните пазари.

Извозот и дигиталната трансформација како можности за раст

Програмата вклучи и дискусии за практичните предизвици при извозот, особено во прехранбената индустрија. Швајцарскиот експерт Јонас Шпан, генерален директор на „Глобал фуд аферс“, презентираше искуства за исполнување на строгите услови за пласман на европскиот пазар.

На панелот посветен на извозната конкурентност, претставници на компании од различни сектори ги споделија своите искуства за проширување на деловните активности надвор од домашниот пазар. Дискусијата беше насочена кон чекорите што им се потребни на македонските компании за да изградат посилно присуство во меѓународното деловно опкружување.

Дел од форумот беше посветен и на дигиталната трансформација и нејзината улога во развојот на брендовите. Ларс Силбербауер, експерт за дигитална трансформација со искуство во компании и организации како „Лего“, Олимписките игри и „Парамаунт“, зборуваше за можностите за зајакнување на конкурентноста во дигиталната средина.

Форумот заврши со деловно вмрежување, со цел воспоставување нови контакти и отворање можности за идни партнерства меѓу домашните и странските компании.

Со првото издание на „Global Trade & Growth Forum“, Швајцарско-македонската стопанска комора воспостави платформа за размена на деловни искуства и поврзување на македонската економија со меѓународните пазари, со акцент на извозот, логистиката, инфраструктурата и конкурентноста на компаниите.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил