Скопје, 28 октомври 2026 – Националниот оператор на пазарот на електрична енергија МЕМО соопшти дека ја одржал првата аукција за Гаранции за потекло на електрична енергија произведена од повластени производители. На аукцијата, под називот „MEMO FiT – Wind“, биле понудени 35.000 гаранции за електрична енергија произведена од ветер, од кои биле продадени 34.000, по просечна цена од 0,35 евра.
Со ова, МЕМО воспоставува нов пазарен механизам за тргување со Гаранции за потекло, преку кој нивната вредност ќе се формира врз основа на понудата и побарувачката. Од операторот оценуваат дека аукцијата е важен чекор кон создавање потранспарентен и поконкурентен пазар на зелена енергија, како и можност производителите од обновливи извори да ја валоризираат еколошката вредност на своето производство.
Од МЕМО посочуваат дека воспоставувањето на системот за аукциско тргување е дел од реализацијата на Реформската агенда, во сегментот што се однесува на воведување систем за тргување со Гаранции за потекло. Целта е унапредување на пазарните механизми, зголемување на транспарентноста и усогласување со европските практики во енергетиката.
Гаранциите за потекло се инструмент со кој се потврдува дека одредено количество електрична енергија е произведено од конкретен извор. Нивното значење расте со зголемените потреби на компаниите да го потврдат потеклото на енергијата што ја користат, особено во контекст на декарбонизацијата и исполнувањето на целите за одржливо работење.
Според податоците на МЕМО, од април 2025 година досега во земјава се издадени повеќе од 850.000 Гаранции за потекло. Од операторот оценуваат дека ова укажува на развојот на пазарот и потребата од негово понатамошно структурирање.
МЕМО најавува продолжување на активностите за унапредување на пазарната инфраструктура и развој на функционален и транспарентен пазар на зелена енергија, со цел зајакнување на конкуренцијата и подобрување на пазарните сигнали.
Извор: МЕМО
