Складиштата за природен гас во Европската Унија биле пополнети 75% заклучно со 21 октомври, но залихите и натаму се под историските нивоа поради слабата исполнетост на крајот од претходната зима и побавното дополнување во текот на летото. Европската агенција за соработка на регулаторите за енергетика (ACER) предупредува дека Европа во зимата 2026–2027 година ќе влезе со помали резерви од просекот за последните девет години.
Во најновиот извештај за следење на пазарот на гас, ACER посочува дека нарушувањата во испораките на течен природен гас (ЛНГ), поврзани со конфликтот на Блискиот Исток, ниските залихи по зимата 2025–2026 година и забавеното полнење на складиштата придонеле за позатегнато снабдување и повисоки цени на гасот во Европа.
На крајот од претходната грејна сезона, складиштата биле пополнети само 28 отсто, наспроти 34% една година претходно. Во текот на летото, дополнувањето на резервите било поскапо, а проценетиот максимален трошок за пополнување на складиштата во 2026 година достигнал 27 милијарди евра. Просечната цена на гасот вбризган во складиштата била втора највисока во последната деценија.
Поголема зависност од американскиот ЛНГ
Европската Унија продолжила да ја зголемува зависноста од американскиот течен природен гас, додека испораките од Катар и Русија се намалиле. Американскиот ЛНГ сега покрива околу 30% од вкупното снабдување со гас во ЕУ, додека рускиот гас учествува со околу 11%.
Увозот на руски ЛНГ бил за 2% помал во споредба со летото 2025 година, а испораките на руски гас преку гасоводи се намалиле за 3 отсто. Вкупниот увоз на ЛНГ во ЕУ опаднал за 14%, а во текот на летото не биле забележани значителни количества испораки на катарски ЛНГ.
Поради послабите испораки од Катар, чие снабдување е погодено од нарушувањата во Ормускиот Теснец, Европа морала да бара дополнителни количества од други добавувачи, пред сè од САД.
Конкуренцијата за ЛНГ на светскиот пазар придонела и за раст на цените. Спот-цените на европските гасни пазари во средината на октомври се приближиле до 90 евра за мегават-час.
Според процените на ACER, конфликтот на Блискиот Исток ги зголемил трошоците на Европа за увоз на гас за дополнителни 18 до 33 милијарди евра за исто количество гас. Овие трошоци се пренесуваат низ синџирот на снабдување и ги засегаат домаќинствата и индустријата, а придонесуваат и за повисоки цени на електричната енергија.
Потрошувачката на гас за производство на струја е зголемена
Побарувачката за гас во текот на летото била дополнително зголемена поради високите температури и сушите, кои ја зголемиле потребата од производство на електрична енергија во гасните централи.
Производството на струја од гас во текот на летната сезона било речиси 9% повисоко, додека во август зголемувањето достигнало 20% во споредба со истиот период во 2025 година.
Европа влегува во зима со поголема неизвесност
ACER оценува дека снабдувањето во зимата ќе зависи од временските услови и побарувачката за гас. Иако потрошувачката во ЕУ е околу 20% пониска отколку пред енергетската криза во 2022 година, Европа ќе се соочи со конкуренција од азиските пазари за флексибилните испораки на ЛНГ, што може да предизвика дополнителен притисок врз цените и нивна поголема нестабилност.
Потребата од дополнителен увоз на ЛНГ ќе зависи, меѓу другото, од тоа колку ќе биде студена зимата и колкава ќе биде побарувачката. ACER очекува најголем дел од дополнителните количества да доаѓаат од САД, поради намалените испораки од Катар и планираното постепено укинување на увозот на руски ЛНГ во ЕУ од јануари 2027 година.
Извор: Acer.europa.eu
