Црна Гора склучи договори со три компании за обновливи извори и зафаќање на o2

Црногорската државна електроенергетска компанија „Електропривреда Црне Горе“ (ЕПЦГ) склучи договори за соработка со француските компании за обновлива енергија „Кер“ (Qair) и „Акуо енерџи“ (Akuo Energy), како и со американската технолошка компанија „Мантел кепчер“ (Mantel Capture), со цел да се поддржи енергетската транзиција во земјата.

Со „Кер Монтенегро“, локалната подружница на француската групација, ЕПЦГ потпиша рамковен договор за соработка во развојот, финансирањето, изградбата и управувањето со соларни и ветерни проекти, со посебен акцент на соларните електрани, соопшти компанијата.

Договор за соработка е склучен и со „Акуо енерџи“, со кој се предвидува заедничка работа на проекти за соларна и ветерна енергија, како и на системи за батериско складирање на електрична енергија.

РЕКЛАМА

Двете компании и претходно соработуваа на проекти во Црна Гора. Минатата година ЕПЦГ и „Акуо енерџи“ потпишаа меморандум за разбирање за заеднички развој на пловечка соларна електрана на Сланското Езеро.

„Кер“ е присутна на црногорскиот пазар од 2021 година, а една година подоцна ја основа локалната подружница. Во август годинава компанијата соопшти дека нејзиното портфолио во Црна Гора опфаќа проекти за обновлива енергија со вкупна моќност од 250 мегавати за кои се обезбедени урбанистички и технички одобренија, како и соларен проект од 70 мегавати за кој се очекува техничко одобрение.

„Акуо енерџи“ ја изгради ветерната електрана „Крново“ со моќност од 72 мегавати, која беше пуштена во употреба во 2017 година како прв ветерен проект во Црна Гора и прва странска инвестиција во секторот на обновливи извори во земјата. Компанијата и натаму поседува 51% од „Крново грин енерџи“, фирмата што управува со електраната.

Зафаќање на јаглеродниот диоксид во термоелектраната „Пљевља“

Третиот договор, меморандум за разбирање со американската компанија „Мантел кепчер“, отвора можност за соработка во примената на технологија за зафаќање и складирање на јаглеродниот диоксид.

ЕПЦГ планира оваа технологија да ја примени во единствената црногорска термоелектрана, „Пљевља“, со цел да се намалат емисиите на јаглероден диоксид.

„Мантел кепчер“ минатата недела соопшти дека договорот ја одразува нејзината поширока соработка со енергетски и индустриски компании што бараат поефикасни и поисплатливи решенија за зафаќање на јаглеродниот диоксид. Нејзината технологија користи стопени борати за зафаќање на јаглеродниот диоксид од индустриските емисии, при што се овозможува и искористување на топлината за производство на пареа.

Со трите договори, ЕПЦГ ги опфаќа и развојот на нови капацитети за обновлива енергија и можностите за намалување на емисиите од постојното производство на електрична енергија. Во соопштението не се наведени вредностите на договорите ниту конкретни рокови за реализација на проектите.

Извор: EPCG.cg

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил