Светот годинава за првпат во последните пет години ќе забележи забавување на растот на новите капацитети за чиста енергија, главно поради недоволно развиените преносни мрежи и трговските бариери, изјави генералниот директор на Меѓународната агенција за обновлива енергија (ИРЕНА), Франческо ла Камера, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
Иако изградбата на соларни и ветерни електрани бележеше раст секоја година од 2021 година, развојот на електроенергетската инфраструктура не успева да го следи темпото на новите производствени капацитети. Тоа особено доаѓа до израз во Кина, најголемиот светски производител на енергија од обновливи извори, каде што дел од произведената електрична енергија не може да се преземе поради ограничувањата на мрежата.
„Главната причина поради која годинава нема да биде забележан нов рекорд во зголемувањето на капацитетите е неусогласеноста меѓу производствените капацитети и можностите за пренос и дистрибуција на електричната енергија“, изјави Ла Камера на маргините на конференцијата „Меѓународна енергетска недела во Сингапур“.
Според него, забавувањето во Кина веројатно нема да биде надоместено со растот на капацитетите во другите делови на светот. Тој не наведе конкретна процена за вкупниот обем на нови капацитети за чиста енергија што ќе бидат инсталирани годинава.
Рекорден раст во 2025 година
Во 2025 година, вкупниот капацитет за производство на чиста електрична енергија, вклучително и хидроенергијата, се зголемил за рекордни 692 гигавати, односно за 15,5%, достигнувајќи 5.149 гигавати. Тоа претставувало приближно половина од вкупниот светски инсталиран капацитет за производство на електрична енергија.
Но, брзото ширење на обновливите извори не е проследено со соодветни инвестиции во мрежите што треба да ја пренесат произведената енергија до потрошувачите.
Во првата половина од 2026 година, Кина ограничила преземање толкаво количество чиста електрична енергија што, според „Ројтерс“, би било доволно за да ги задоволи потребите на Мексико за една година. Проблеми со усогласувањето на мрежната инфраструктура и растот на производството од обновливи извори се забележуваат и во Австралија и Јапонија.
Ограничувањето на преземањето електрична енергија од обновливи извори се случува кога мрежата нема доволно капацитет да ја пренесе целата расположлива енергија или кога системските услови не дозволуваат нејзино целосно прифаќање.
Владите ширум светот најавија зголемување на употребата на чиста енергија за да обезбедат посигурно снабдување и да ги намалат трошоците. Притисокот за тоа дополнително се засили по нарушувањата во снабдувањето со енергенси и растот на цените поврзани со војната на САД и Израел против Иран.
Сепак, искуствата од Кина, Австралија и Јапонија покажуваат дека проширувањето на производството мора да биде проследено со развој на преносната и дистрибутивната инфраструктура. Без доволен мрежен капацитет, дел од новата енергија од обновливи извори не може да стигне до потрошувачите, што го ограничува ефектот од инвестициите во нови електрани.
Зголемувањето на производството од обновливи извори останува важен фактор за намалување на глобалните емисии. Обединетите нации минатата недела предупредија дека се потребни итни и значителни намалувања на емисиите за да се забави глобалното затоплување.
Извор: Ројтерс
