Русија бара нови купувачи на природен гас во Африка, обидувајќи се да го надомести губењето на европскиот пазар, откако извозот на државниот енергетски гигант „Гаспром“ значително се намали по руската инвазија врз Украина, објави „The Moscow Times“.
Рускиот министер за енергетика Сергеј Цивилјов изјави дека земјата е подготвена да снабдува африкански држави со природен гас, да истражува наоѓалишта и да развива нови резерви. Москва на африканскиот континент гледа како на пазар со долгорочен потенцијал, а руските компании, според министерот, можат да понудат и поширока техничка поддршка за развој на енергетската инфраструктура.
Цивилјов, говорејќи на Руската енергетска недела, посочи дека руските компании можат да учествуваат во модернизацијата на постојните хидроелектрани, изградбата на соларни и термоелектрани, поставувањето далноводи и испораката на трафостаници и трансформатори, како и во воспоставувањето центри за управување со електроенергетските системи.
„Нашата земја може да понуди сеопфатно решение“, изјави тој, според руската државна новинска агенција ТАСС.
Потребата на „Гаsпром“ да најде нови пазари е засилена со падот на извозот на гас во земјите надвор од поранешниот Советски Сојуз. Според процените на руското Министерство за економски развој, оваа година компанијата се очекува да извезе 77 милијарди кубни метри гас преку гасоводи, наспроти 185 милијарди кубни метри во 2021 година и околу 200 милијарди кубни метри годишно кон крајот на минатата деценија.
Министерството предвидува дека извозот до 2028 година би можел дополнително да се намали на 72 милијарди кубни метри, во услови на најавената забрана на Европската Унија за увоз на руски гас.
Договорот со Кина останува неизвесен
Паралелно со обидите за отворање нови пазари во Африка, Русија сè уште не успева да постигне договор со Кина за значително зголемување на испораките на природен гас. Предложениот договор би овозможил годишните испораки да достигнат 100 милијарди кубни метри, но преговорите се соочуваат со несогласувања околу цената.
Според „South China Morning Post“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите, Пекинг бара цена блиска до онаа што ја плаќаат руските домаќинства, од околу 50 долари за 1.000 кубни метри, или најмногу до цената за домашните индустриски потрошувачи, која се движи од 120 до 130 долари.
Москва, пак, сака како основа за преговорите да се користи цената по која Кина го добива гасот преку постојниот гасовод „Силата на Сибир“. Таа, според наведените извори, изнесува околу 250 до 260 долари за 1.000 кубни метри. Тоа е веќе околу 40% помалку од договорната цена од 420 долари што „Газпром“ ја наплаќа за испораките до други купувачи надвор од поранешниот Советски Сојуз.
Несогласувањата околу цената ги забавуваат и плановите за изградба на вториот гасовод кон Кина, првично познат како „Силата на Сибир 2“, кој рускиот претседател Владимир Путин го преименува во „Силата на Бајкал“.
И покрај напорите за пренасочување на извозот кон Африка и Азија, податоците за очекуваните испораки укажуваат дека Русија сè уште се соочува со предизвикот да го надомести обемот на европскиот пазар, кој со години беше клучен за рускиот извоз на природен гас.
Извор: TheMoscowTimes.com
