Турција ќе ја стави електрификацијата во центарот на својата агенда за 31. Конференција на Обединетите нации за климатски промени (COP31), во услови на растечка побарувачка за електрична енергија од центрите за податоци, вештачката интелигенција и другите сектори. Целта е зголемената потрошувачка да се задоволи со почисто производство, без да се загрозат енергетската безбедност и декарбонизацијата, најави турскиот министер за енергетика и природни ресурси Алпарслан Бајрактар.
Говорејќи на 25. Светски конгрес за енергетика на Светскиот нафтен совет во Ријад, Бајрактар рече дека Турција сака на меѓународната заедница да ѝ испрати порака за потребата од забрзување на електрификацијата, паралелно со справувањето со климатските промени и обезбедувањето сигурно снабдување со енергија.
Побарувачката за електрична енергија во земјата расте не само поради вообичаената потрошувачка, туку и поради новите потреби поврзани со центрите за податоци што користат вештачка интелигенција, климатизацијата и производството на вода за пиење преку десалинизација на морската вода.
За да одговори на овие потреби и истовремено да ги намалува емисиите, Турција ќе мора да инвестира во повеќе сегменти од енергетскиот систем, вклучувајќи обновливи извори, енергетска ефикасност, инфраструктура за природен гас и нуклеарна енергија.
Земјата има цел да постигне декарбонизација до 2053 година, а до 2050 година планира да изгради нуклеарни капацитети со вкупна моќност од 20 гигавати.
Обновливите извори и нуклеарната енергија во плановите за транзиција
Бајрактар посочи дека Турција спроведува амбициозна стратегија за развој на обновливите извори, со фокус на сончевата и ветерната енергија, вклучително и ветерните електрани на море, како и геотермалната енергија.
Енергетската ефикасност е уште еден приоритет, со можности за подобрување во земјоделството, транспортот и зградите. Паралелно, нуклеарната енергија треба да помогне во задоволувањето на растечката побарувачка за струја и во остварувањето на климатските цели.
Турција планира и трансформација на застарените капацитети за производство на електрична енергија од јаглен кон почисти решенија. Истовремено, обезбедувањето природен гас станува сè посложено во услови на нестабилни пазари.
Затоа земјата продолжува да инвестира во гасоводи, подземни складишта за гас и терминали за регасификација на течен природен гас, како и во истражување и производство на нафта и гас на домашни и странски локации.
Министерот ја истакна и важноста на критичните минерали, оценувајќи дека енергетската транзиција зависи и од тоа колку успешно државите ќе ги развиваат сопствените минерални ресурси и ќе обезбедуваат суровини неопходни за новите енергетски технологии.
Енергетската безбедност останува клучна за климатските цели
Според Бајрактар, глобалните енергетски пазари се соочуваат со низа предизвици од пандемијата на КОВИД-19 наваму. Меѓу нив се нарушувањата во синџирите на снабдување поврзани со војната меѓу Русија и Украина, економските тешкотии, високите трошоци за капитал и најновиот конфликт со Иран.
Овие кризи ја нагласуваат потребата од поотпорни енергетски пазари и посилна меѓународна соработка. Според турскиот министер, енергетската безбедност ќе биде еден од главните приоритети, поради што државите треба да усогласат политики што истовремено ќе одговорат на потребите за сигурно снабдување и на целите за справување со климатските промени.
Како дел од таа стратегија, Турција работи на проширување на регионалната поврзаност и диверзификација на изворите на снабдување. Бајрактар посочи дека земјата развива гасоводни проекти со соседните држави, меѓу кои Ирак и Сирија, и настојува да ги прошири прекуграничните врски за транспорт на нафта, природен гас и електрична енергија.
Турција ќе биде домаќин на COP31 од 9 до 30 ноември во Анталија, каде што електрификацијата ќе биде претставена како една од темите што ги поврзуваат растечката побарувачка за енергија, развојот на почисти технологии и потребата од посигурно снабдување.
Извор: Aa.com.tr
