ИЕА бара дополнителни количини дизел од стратешките резерви поради затегнатото снабдување

Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) ги повика своите членки да го забрзаат ослободувањето на нафтата од стратешките резерви, со приоритет на дизелот, и да проценат дали се потребни дополнителни количини за да се ублажи недостигот на светскиот пазар. Повикот доаѓа во услови на високи цени на горивата и нарушувања во снабдувањето предизвикани од војната со Иран и ограничувањата во работењето на рафинериите.

Извршниот директор на ИЕА, Фатих Бирол, испратил писмо до владите на земјите членки пред состанокот на управниот одбор на агенцијата, закажан за 15 октомври. Тој побарал државите што сè уште не ги исполниле целосно обврските преземени во март да ги забрзаат преостанатите испораки од резервите, при што предност треба да има дизелот. Некои земји, според агенцијата, веќе ослободиле и поголеми количини од првично најавените.

Бирол побарал и сите членки да проценат дали се потребни дополнителни интервенции, а доколку се утврди таква потреба, да наведат колкави количини би можеле да пласираат на пазарот и во кој временски рок.

РЕКЛАМА

„Убеден сум дека, како и во март, повторно можеме заеднички да покажеме дека ИЕА има капацитет да дејствува координирано во поддршка на енергетската безбедност и економската стабилност“, порача Бирол.

Во март, земјите членки на ИЕА се договорија да ослободат вкупно 400 милиони барели нафта од резервите, во обид да ги ублажат последиците од нарушувањата во глобалното снабдување. Според документ до кој дошол „Еуроњуз“, досега биле ослободени 326 милиони барели.

Групата седум најразвиени индустриски земји (Г7) претходно најави дека ќе ослободи до 100 милиони барели нафта за да го ограничи растот на цените. Сепак, според документот, овие количини не претставуваат дополнителна интервенција надвор од мартовскиот договор, туку можат да ги покријат преостанатите обврски на земјите членки. Доколку сите ги исполнат ветувањата, а се земат предвид и државите што веќе ослободиле повеќе од планираното, вкупната обврска може да се исполни во рамките на постојната акција.

Војната со Иран го ограничува снабдувањето со деривати

Цените на дизелот се под притисок поради нарушувањата во транспортот на сурова нафта низ Ормускиот Теснец, предизвикани од војната меѓу САД и Иран, како и поради оштетувањата на рафинериските капацитети. Ограничувањата не влијаат само врз достапноста на суровата нафта, туку и врз можноста таа да се преработи во дизел и други готови горива.

Според податоците на аналитичката компанија Kpler, извозот на сурова нафта и кондензат од Персискиот Залив, без Иран, во септември се вратил на нивото пред војната. Сепак, значителен дел од испораките се пренасочува преку алтернативни транспортни правци или се претоварува меѓу танкери на море, што ја усложнува логистиката.

Повикот на ИЕА доаѓа и два дена по најавата на американскиот претседател Доналд Трамп за договор со Русија за снабдување со дизел. Вашингтон привремено ги ублажи санкциите за рускиот дизел, овозможувајќи негова продажба и испорака, вклучително и во САД, до 7 април 2027 година.

Москва соопшти дека е подготвена да испорачува нафта и нафтени деривати на американскиот и на светскиот пазар по телефонскиот разговор меѓу Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.

„Убеден сум дека ова ќе има позитивно влијание врз целата светска економија“, изјави Путин, според соопштението на руската страна.

Сепак, дополнителните испораки од Русија и ослободувањето на стратешките резерви не гарантираат трајно намалување на цените. Нивниот ефект ќе зависи од обемот на достапните количини, брзината на испораките и времетраењето на нарушувањата во снабдувањето со сурова нафта и рафинирани производи. Управниот одбор на ИЕА на состанокот на 15 октомври треба да ги разгледа досегашните активности и потребата од понатамошни мерки.

Извор: Euronews.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил