Ѓорѓиевски: 22% од нето-потрошувачката на струја се тргува преку МЕМО

Директорот на МЕМО во интервју за МИА: Домашната берза во август достигна рекордни речиси 200.000 MWh, а следниот чекор е поврзување со регионалните пазари и воведување аукции за гаранции за потекло

Организираниот пазар на електрична енергија во земјава бележи значителен раст, а во август годинава преку берзата „ден однапред“ биле истргувани рекордни 199.698,9 мегават-часови електрична енергија, што е за 58,15% повеќе во споредба со истиот месец лани. Растот го следи и поширокото учество на пазарните субјекти, при што околу 22% од нето-потрошувачката на електрична енергија во земјава веќе поминува преку организираниот пазар.

Генералниот директор на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, во интервју за МИА оценува дека домашната берза постепено прераснува во поконкурентен и поликвиден пазар, на кој, покрај големите енергетски компании, сè поактивно учествуваат приватни трговци и снабдувачи од земјава и регионот. Според него, транспарентното формирање на цената преку понудата и побарувачката е една од главните придобивки од организираното тргување.

Во 2025 година на домашната берза биле истргувани околу 1,37 терават-часови електрична енергија, или просечно по 114.000 мегават-часови месечно. Финансиската вредност на трансакциите достигнала околу 272 милиони евра, додека заклучно со септември 2026 година таа изнесува околу 241 милион евра. Ѓорѓиевски појаснува дека овие износи ја претставуваат вкупната вредност на реализираните трансакции меѓу учесниците, а не средства со кои располага берзата.

РЕКЛАМА

На пазарот во моментов учествуваат 40 компании, а растот, според Ѓорѓиевски, не се потпира исклучиво на државните енергетски компании. ЕСМ и натаму има значајна улога како најголем домашен производител, но понудата на берзата зависи од расположливото производство, хидролошките услови, сезоната и обврските за снабдување на регулираниот пазар.

„Ликвидноста на организираниот пазар на МЕМО се обезбедува во услови кога не доминира еден субјект, туку се обезбедува од сите учесници на поширокиот пазар“, наведува Ѓорѓиевски.

Берзанската цена не е и крајната цена за потрошувачите

Една од главните функции на берзата е да обезбеди референтна цена што ги одразува реалните услови на пазарот. Тоа им овозможува на компаниите да ги следат ценовните движења врз основа на јавно достапни податоци, наместо да се потпираат исклучиво на цените од регионалните берзи или на билатерални договори чии услови не се јавно објавени.

Сепак, цената на берзата не треба да се поистоветува со износот што на крајот го плаќаат компаниите и потрошувачите. Во конечната цена влегуваат и трошоците за снабдување, балансирање, пренос и дистрибуција, како и други договорни елементи. Поради тоа, разликата меѓу берзанската и крајната цена не може автоматски да се смета за заработка на трговецот.

МЕМО има увид во цените и трансакциите на организираниот пазар, но не и во комерцијалните договори што снабдувачите ги склучуваат со своите клиенти. На пазарот на големо, според Ѓорѓиевски, активно работат околу 20 снабдувачи и најмалку уште толку трговци со електрична енергија, што создава простор за конкуренција и ограничување на можностите за неоправдано високи маржи.

Во однос на претстојната зима, директорот на МЕМО не очекува цените да можат однапред да се утврдат за целиот период, бидејќи тие ќе зависат од домашното производство, потребите за увоз, временските услови и состојбите на регионалните пазари. Тој прави разлика меѓу можноста на берзата да обезбеди организирано тргување и пошироката енергетска сигурност, која зависи и од производните капацитети, прекуграничните преносни можности и расположливоста на електрична енергија во регионот.

„Од досегашното искуство можеме да заклучиме дека понудата секогаш ја задоволувала побарувачката“, вели Ѓорѓиевски, посочувајќи дека реализацијата на купопродажбата не зависи само од расположливите количини, туку и од подготвеноста на купувачите да ја платат бараната цена.

Тој нагласува и дека берзанските движења не се пренесуваат автоматски врз цените на основните прехранбени производи. Струјата е еден од трошоците на компаниите, но конечната цена на лебот, млекото и другите производи зависи и од суровините, транспортот, работната сила, амбалажата и конкуренцијата во конкретниот сектор.

Повеќе обновливи извори бараат и поголема флексибилност

Со растот на производството од сонце и ветер, на пазарите сè почесто се појавуваат часови во кои понудата на електрична енергија е поголема од побарувачката. Во такви услови, цените може значително да се намалат, а во одредени периоди и да станат негативни.

Според Ѓорѓиевски, негативните цени не се нужно знак за нефункционален пазар, туку сигнал дека системот има вишок електрична енергија и дека е потребно производството да се приспособи, потрошувачката да се зголеми или вишокот да се складира.

„Кога цената оди под нула, пазарот сигнализира дека во тој момент има вишок електрична енергија и дека е потребно или да се намали производството, или да се зголеми потрошувачката, односно да се активира флексибилноста и складирањето“, објаснува директорот на МЕМО.

Ова е особено значајно за соларните електроцентрали, чие производство е концентрирано во часовите со најмногу сончева светлина. Доколку голем број капацитети произведуваат истовремено, а потрошувачката е недоволна, цените може да се најдат под притисок. Тоа ги поттикнува производителите подобро да го планираат производството и да инвестираат во батериски системи, складирање и поефикасно управување со енергијата.

Оттука, воведувањето негативни цени не би требало да се сфати како причина за запирање на инвестициите во обновливи извори, туку како сигнал дека новите производни капацитети треба да се развиваат паралелно со инфраструктурата што ќе овозможи енергијата да се користи кога е најпотребна.

„Сметам дека негативните цени се корисен инструмент доколку се дел од добро организиран и конкурентен пазар“, вели Ѓорѓиевски, додавајќи дека европското искуство покажува оти тие стануваат сè почест дел од пазарната динамика.

Поврзувањето со регионалните берзи ќе донесе поголем пазар, но не гарантира поевтина струја

Следниот важен чекор за домашниот пазар е неговото поврзување со регионалните и европските пазари преку механизмот за спојување на пазарите, познат како market coupling. Со овој модел, прекуграничните капацитети се распределуваат во согласност со понудата и побарувачката, што овозможува поефикасно тргување со електрична енергија меѓу земјите.

Ѓорѓиевски објаснува дека спојувањето на македонскиот пазар со берзите во соседството, вклучително и во Бугарија и Грција, би требало да ја зголеми ликвидноста, да отвори повеќе можности за трговија и да обезбеди пореален ценовен сигнал за домашните компании.

Тоа, сепак, не значи дека цената на струјата во Македонија автоматски ќе се изедначи со онаа во соседните земји, ниту дека секогаш ќе биде пониска. Кога има доволно прекуграничен капацитет, цените имаат тенденција да се приближуваат. Но, разликите може да останат доколку има ограничувања на мрежата, недостиг на енергија или зголемена побарувачка.

„Ако во Македонија цената е пониска од регионалната, може да има притисок таа да се приближи кон регионалното ниво. Но, ако во соседството има пониски цени или вишок електрична енергија, македонските компании ќе имаат можност да набавуваат по поповолни услови“, посочува Ѓорѓиевски.

Во исто време, механизмот за приспособување на јаглеродот на границите на Европската Унија (CBAM) отвора дополнителни предизвици за регионалната трговија со електрична енергија. Според директорот на МЕМО, сегашниот механизам создава нарушувања на слободната трговија и ризик од изолирање на пазарите, наместо нивна интеграција.

Како еден од начините за ублажување на потенцијалните негативни последици за домашните производители, Ѓорѓиевски ја посочува можноста за зголемување на домашната потрошувачка, особено од индустријата. Во тој контекст, тој го издвојува и потенцијалот на центрите за обработка на податоци, кои како енергетски интензивни потрошувачи би можеле да создадат дополнителна побарувачка и да дадат поттик за инвестиции во нови производни капацитети од обновливи извори.

Аукции за гаранции за потекло и нов пазар за природен гас

Покрај развојот на тргувањето со електрична енергија, МЕМО работи и на проширување на пазарните механизми за зелената енергија. Еден од следните чекори е воведувањето аукции за гаранции за потекло, со кои ќе се овозможи нивната вредност да се формира потранспарентно, преку директен однос на понудата и побарувачката.

Гаранциите за потекло потврдуваат дека одредена количина електрична енергија е произведена од обновлив извор. Нивното пазарно вреднување им отвора дополнителна можност на производителите да ја валоризираат зелената компонента на произведената струја, додека на компаниите им овозможува потранспарентно да ги набавуваат сертификатите што им се потребни за исполнување на барањата поврзани со декарбонизацијата и одржливото работење.

Од април 2025 година до моментот на интервјуто биле издадени повеќе од 850.000 гаранции за потекло, што, според Ѓорѓиевски, укажува на растечки интерес за овој сегмент од пазарот.

МЕМО, истовремено, се подготвува да преземе и нови надлежности во секторот за природен гас. Владата веќе ја разгледала и усвоила информацијата за функционално воспоставување оператор на пазарот на гас, а на МЕМО му е доделена обврската да подготви сеопфатен план за неговото организирање, вклучително и техничките, ИТ, законските, организациските и финансиските аспекти.

Како најсоодветно решение, според анализите на различни европски и регионални модели, е препознаен моделот на интегриран оператор за пазарите на електрична енергија и природен гас. Тоа би значело дека МЕМО, покрај сегашната функција, ќе добие и надлежности за организирање и управување со пазарот на природен гас.

Целта е воспоставување функционален и транспарентен пазар, усогласен со европските практики и со можност за понатамошно регионално поврзување.

Извор: МИА

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил