Берзанската цена на Брент веќе не е доволно добар показател за тоа колку навистина чини нафтата на светскиот пазар, а уште помалку за цената што ја плаќаат потрошувачите. Во услови на нарушени транспортни рути, поскап превоз и недостиг на рафинериски капацитети, физичката цена на нафтата и нафтените деривати сè повеќе се оддалечува од берзанските фјучерси.
Ова е оценката на Амрита Сен, директорка за пазарни истражувања и коосновачка на „Energy Aspects“, според која случувањата во текот на оваа година покажале дека повеќе не постои една единствена „цена на нафтата“.
Според податоците на „Аргус“, цената на фјучерсите за Брент во моментов претставува само околу 60 до 70% од трошокот за сурова нафта доставена во Азија, додека вообичаено тој удел е околу 90%. Кај дизелот разликата е уште поголема, цената на Брент претставува само околу половина од неговата цена, наспроти вообичаените 80 до 90%.
Разликата меѓу физичката цена и фјучерсите особено се зголеми оваа година. Во периодот од 2007 до 2019 година стандардното отстапување меѓу спот-цената на Брент и фјучерсите изнесувало околу еден долар за барел. Во текот на оваа година се зголемило на речиси осум долари, а во септември надминало и 20 долари.
Причината е што барелот повеќе не може да се третира како стандардизиран производ со иста вредност без оглед на тоа каде се наоѓа.
„Вредноста на еден барел сурова нафта сè повеќе зависи од тоа каде се наоѓа, кога е достапен и колку лесно може да стигне до рафинеријата на која ѝ е потребен“, пишува Сен.
Особено голема улога има Ормускиот Теснец, низ кој протокот на нафта се зголемил од околу два милиони барели дневно во април на приближно 11 милиони барели. Сепак, вкупните текови на нафта од Блискиот Исток, вклучително и преку заобиколни нафтоводи, сè уште се околу 2,5 милиони барели дневно под нивото пред конфликтот.
Проблемот е што поголемиот дел од зголемените текови низ Ормус се реализираат преку префрлање на нафтата од еден на друг танкер, што е поскап и покомплексен начин на транспорт. Достапноста на танкери е ограничена, а бродовите мора да користат подолги и посложени маршрути.
Тоа значи дека поголемиот проток низ Ормус го намалува ризикот од целосен физички недостиг на нафта, но не ги враќа резервите и флексибилноста на пазарот што претходно овозможуваа дополнителниот, односно маргиналниот барел да биде евтин.
Трошокот за транспорт веќе има драматично пораснато. Според анализата, цените на транспортот се пет до десет пати повисоки од нивото пред почетокот на војната со Иран, додека цената на суровата нафта од Атлантскиот басен доставена во Азија е петпати повисока од предвоеното ниво, главно поради поскапиот транспорт.
Но, проблемот не е само во суровата нафта. Рафинерискиот сектор се соочува со сопствени ограничувања.
Недостигот на рафинериски капацитети надвор од Кина, честите украински напади врз руските рафинерии и прекините на работата на рафинериите на Блискиот Исток ориентирани кон извоз дополнително ја ограничуваат понудата на бензин, авионско гориво и дизел.
Токму затоа нафтените деривати во последните месеци се тргуваат по цени што достигнуваат двојно повисоки нивоа од цената на суровата нафта – појава која, според Сен, досега не била забележана.
А тука се менува и начинот на кој треба да се гледа инфлацијата.
Дизелот и бензинот се тие што директно влегуваат во транспортните и производните трошоци и ја туркаат инфлацијата, а не самата сурова нафта. Брент традиционално се користеше како приближен показател затоа што неговата цена се движеше во голема мера паралелно со цените на дериватите.
Таа врска сега е нарушена.
Според анализата, од мај наваму приносите на 10-годишните американски државни обврзници се во поголема корелација со цената на дизелот отколку со цената на суровата нафта – нешто што претходно не било забележано.
Оттука произлегува и проблемот со користењето на Брент како инструмент за заштита од ценовните ризици. Фјучерсите сè потешко ја одразуваат состојбата со физичката понуда и побарувачка, додека истовремено се оддалечуваат од цените на горивата што директно влијаат врз инфлацијата.
Во меѓувреме, залихите на сурова нафта се намалиле за околу 650 милиони барели од почетокот на конфликтот, според податоците на „Кајрос“. Сепак, пазарот на фјучерси не го одразува целосно овој физички недостиг, меѓу другото и поради силниот притисок од американската администрација за намалување на цените.
Сен оценува дека токму тука лежи една од најголемите заблуди на актуелниот пазар: пониската берзанска цена на Брент не значи нужно и поевтина нафта за рафинериите, а уште помалку поевтин дизел и бензин за крајните потрошувачи.
Со ограничена инфраструктура за транспорт, поскапи танкери, нарушени текови низ Ормускиот Теснец и недостиг на рафинериски капацитети, физичкиот пазар функционира под сосема поинакви услови од оние што ги покажува берзанскиот графикон на Брент.
Затоа, кога се зборува за „цената на нафтата“, сè помалку е доволно да се погледне само еден број на берзата. Вистинската цена за потрошувачот денес се формира многу подалеку од нафтениот терминал, на танкерите, во теснеците, во рафинериите и на пазарот на дизел и бензин.
Извор: Financial Times
