Електричните автомобили под 25.000 евра тргнуваат во офанзива во Европа

Европскиот пазар на електрични автомобили забрзано се проширува со модели во понискиот ценовен сегмент, а продажбата на возила со почетна цена под 25.000 евра во 2026 година би можела да биде седум пати поголема во однос на 2024 година, покажува најновиот извештај на организацијата „Транспорт и животна средина“ (T&E).

Според извештајот, европските цели за намалување на емисиите на јаглерод диоксид кај автомобилите придонесуваат за зголемување на понудата и продажбата на електрични возила. Во првата половина од годинава на европскиот пазар биле лансирани речиси 40 нови електрични модели, со што бројот на електрични возила наменети за масовниот пазар надминал 150. До крајот на 2026 година се очекуваат уште околу 60 нови модели.

Тоа значи дека бројот на нови модели годинава би бил речиси четири пати поголем од просекот од околу 15 модели годишно во периодот од 2021 до 2025 година.

РЕКЛАМА

Особено забележливо е зголемувањето на понудата во најдостапниот сегмент. Бројот на електрични модели со почетна цена под 25.000 евра е удвоен, што според T&E конечно одговара на растечката побарувачка за помали и поевтини електрични автомобили.

„Европските возачи конечно добиваат поголем избор на помали и подостапни електрични автомобили. Нафтената криза дополнително ја забрза побарувачката за достапни мали електрични возила. ID. Polo на Volkswagen брзо беше распродаден, со повеќе од 40.000 нарачки и листа на чекање од 10 месеци“, изјави директорот за автомобили во T&E, Лусиен Матје.

Според него, податоците покажуваат дека проблемот не бил во недостигот на интерес кај потрошувачите, туку во ограничената понуда на модели што одговараат на нивните потреби и можности.

Продажбата на електрични автомобили во ЕУ во 2026 година достигна рекордни нивоа. Во периодот јануари-август биле продадени 1,64 милиони батериски електрични возила, што е за 45% повеќе во однос на истиот период лани.

Во вториот квартал, батериските електрични автомобили за првпат во цел квартал ја надминале продажбата на автомобилите со исклучиво бензински погон, со удел од 22% од пазарот.

T&E оценува дека растот на понудата се поврзува и со целите што производителите треба да ги исполнат во периодот 2025-2027 година. За време на периодот од 2021 до 2024 година, кога целите биле релативно непроменети, производителите имале помал поттик за воведување нови и подостапни електрични модели.

Извештајот укажува и на економскиот аспект на електрификацијата во услови на високи цени на нафтата. Според T&E, поскапувањето на нафтата од почетокот на кризата ги чинело корисниците на патишта во ЕУ околу 53 милијарди евра. До средината на септември, полнењето резервоар од 50 литри дизел било за околу 30 евра поскапо отколку пред почетокот на војната со Иран.

Организацијата проценува дека возач кој на почетокот на кризата преминал на електричен автомобил би заштедил околу 350 евра на трошоци за користење до средината на септември.

T&E предупредува дека евентуалното ублажување на европските цели за 2030 и 2035 година би можело да го забави ширењето на малите и достапни електрични автомобили во период кога тие почнуваат масовно да се појавуваат на пазарот.

„Целите на ЕУ за автомобилите го прошируваат изборот за потрошувачите, ги намалуваат трошоците за премин кон електрично возило и им даваат можност на европските производители да се натпреваруваат на глобалниот пазар на електрични возила“, изјави Матје.

Според T&E, доколку целта за 2030 година биде ослабена, понудата на достапни електрични модели би можела значително да се намали, што би го ограничило изборот за потрошувачите и би го продолжило потпирањето на нафтените горива.

Извор: Transportenvironment.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил