Европската комисија и Европскиот универзитетски институт ја формираат Академијата за енергетска регулација (EnRA), нова иницијатива финансирана од ЕУ чија цел е да им помогне на националните власти побрзо и поефикасно да ги спроведуваат реформите на електроенергетскиот пазар.
Академијата ќе обезбедува специјализирани обуки, размена на искуства и поддршка за професионалци од регулаторните тела, министерствата и други јавни институции во сите земји членки на ЕУ.
Според Европската комисија, европскиот електроенергетски сектор минува низ големи промени, поттикнати и од геополитичките случувања. Новите правила опфаќаат области како дизајнот на пазарот на електрична енергија, инвестициите во обновливи извори, планирањето и дозволите за мрежната инфраструктура, флексибилноста на системот, дигитализацијата и заштитата на потрошувачите.
Комисијата оценува дека успехот на реформите во голема мера зависи од капацитетот на националните институции навремено да го применат законодавството, да развијат ефикасни регулаторни механизми и да ги приспособат своите институции и начинот на работа.
Во следните три години, EnRA ќе реализира програма за професионалци од сите земји членки, која ќе вклучува специјализирани обуки, регионални работилници за прекугранични предизвици, консултации прилагодени на потребите на конкретни земји и региони, како и технички материјали за новите политики.
Целта не е само обука, туку и создавање европска професионална мрежа во која јавните институции ќе можат да разменуваат искуства и да ја зајакнат регулаторната соработка преку границите.
Академијата е финансирана преку Инструментот за техничка поддршка на ЕУ, а ќе ја спроведува Florence School of Regulation при Европскиот универзитетски институт, во соработка со работната група на Европската комисија за реформи и инвестиции.
Извор: Европска Комисија
