ЕБОР разгледува заем од 51,7 милиони евра за МЕПСО и ЕСМ

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) разгледува можност за финансирање на два стратешки енергетски проекти во Македонија со вкупно 51,7 милиони евра, додека вкупната вредност на проектите на МЕПСО и ЕСМ достигнува 119 милиони евра.

За операторот на електропреносниот систем МЕПСО, ЕБОР разгледува заем до 18,6 милиони евра за модернизација на критичната преносна инфраструктура. Вкупната вредност на овој проект е 21 милион евра, а предвиден е и грант од 2,4 милиони евра преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).

Инвестицијата на МЕПСО опфаќа воведување нов централен SCADA/EMS систем, нови системи за сајбер-безбедност и поставување 400 kV трансформатор. Целта е да се зголемат сигурноста, стабилноста и ефикасноста на преносната мрежа, нејзината отпорност на сајбер-закани и капацитетот за интеграција на обновливи извори.

РЕКЛАМА

Паралелно, ЕБОР разгледува и суверено гарантиран заем до 33,1 милиони евра за ЕСМ за изградба на првиот комерцијален самостоен батериски систем за складирање електрична енергија во земјата.

Станува збор за BESS со капацитет од 100 MW и 400 MWh, кој треба да се изгради во Битола. Вкупната вредност на овој проект е 98 милиони евра, а финансирањето се очекува да биде обезбедено со комбинација од средства од ЕБОР, германската KfW, концесионално климатско финансирање од Clean Technology Fund (CTF) и грант од WBIF, кој допрва треба да биде одобрен.

Проектот на ЕСМ, покрај батерискиот систем, опфаќа и развој на централен SCADA систем, софтвер за планирање на производството и тргување со електрична енергија, како и нова ИТ и сајбер-безбедносна инфраструктура.

Со реализацијата на двата проекта, Македонија би добила значително модернизирана преносна инфраструктура и голем систем за складирање електрична енергија, што е особено важно со брзото зголемување на производството од сончеви и ветерни електроцентрали.

Од вкупно 119 милиони евра вредност на двата проекта, предложеното финансирање од ЕБОР би изнесувало 51,7 милиони евра, односно околу 43% од нивната вкупна вредност.

Енергетика 24

Извор: EBRD.com

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил