Божиновска: Можно е ново олеснување за горивата, Владата ќе прави сè за да нема ценовни шокови кај струјата

Мерките што Владата ги презема за ублажување на цените на горивата не се финални и се разгледува можноста за дополнителни интервенции во корист на граѓаните, изјави министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во вчерашното гостување во „Тема на денот“ на Сител телевизија.

Таа посочи дека во изминатиот шестмесечен период Македонија имала најниски цени на горивата во регионот, што во еден период довело и до зголемена побарувачка од 30% на граничните премини.

„Ги пратиме цените на берзата. Овие мерки не се финални, значи може да има и дополнителни мерки во корист на граѓаните“, рече Божиновска.

РЕКЛАМА

Како дел од досегашните интервенции таа ги посочи договорениот попуст со ОКТА, намалувањето на акцизата, како и намалувањето на ДДВ. Во последната мерка, Владата го намали ДДВ-то за дизелот од 18% на 10%.

Божиновска се осврна и на неодамна потпишаниот Меморандум за приклучување на Македонија кон Вертикалниот гасен коридор, оценувајќи го како важен чекор за зголемување на сигурноста и диверзификацијата на снабдувањето со природен гас.

Меморандумот на 4 септември во Солун го потпиша извршниот директор на НОМАГАС, Недим Рама, со што Македонија формално се приклучи кон регионалната иницијатива која ги поврзува гасните инфраструктури и пазарите во Југоисточна и Централна Европа. Коридорот има за цел да овозможи поголема флексибилност во снабдувањето и пристап до различни извори и снабдувачки правци.

Приклучувањето е значајно и во контекст на планираните гасни интерконекции на Македонија со соседните земји, особено со Грција и Србија. Со развојот на овие врски, земјата добива можност за пофлексибилно користење на регионалната гасна инфраструктура и пристап до повеќе снабдувачки правци, што е особено важно во услови на нестабилност на европските енергетски пазари.

Во истиот контекст, министерката го посочи и повторното ставање во употреба на продуктоводот Скопје–Солун, по 13 години.

„Добро нешто е пуштањето во употреба на продуктоводот Скопје-Солун, после 13 години. Низ него може да се пренесат 2,5 милиони тони нафтени деривати, а веќе се искористени околу 400 илјади тони. Правиме се да имаме сигурност во снабдувањето“, изјави Божиновска.

Без ценовни шокови кај струјата

Во однос на претстојната грејна сезона и цените на електричната енергија, Божиновска вели дека Владата очекува да продолжи периодот без сериозни ценовни шокови.

„Ние покажавме дека ова е трета година веќе каде нема никакви ценовни шокови“, рече таа, посочувајќи дека минималното зголемување во првата категорија се однесува на категоријата во која се околу 80% од домаќинствата.

Според Божиновска, Владата ќе продолжи да работи на тоа граѓаните да немаат големи осцилации во сметките за електрична енергија. Таа го посочи и новиот Закон за енергетика, со кој, како што рече, за првпат е воспоставен терминот „енергетска сиромаштија“, како и методологија за утврдување на процентот на граѓани на кои им е потребна помош.

„Владата ќе продолжи да прави се да нема ценовни шокови а во Регулаторната комисија за енергетика ќе продолжи да ги разгледува моделите и опциите дали може да се прошири користењето на евтината енергија, рече Божиновска.

Таа додаде дека ги поддржува сите решенија што можат да придонесат за намалување на трошоците за електрична енергија.

„Јас поддржувам се што е добро и се што ќе ги намали сметките на граѓаните“, порача министерката.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил