Вкупниот инсталиран соларен капацитет во САД веќе е доволен за производство на електрична енергија за повеќе од 50 милиони американски домаќинства, што одговара на повеќе од една третина од сите домаќинства во земјата, покажува најновиот извештај на SEIA и Wood Mackenzie.
Американската соларна индустрија во вториот квартал од 2026 година додаде 11,4 GWdc нов капацитет, што е зголемување од 45% во однос на истиот период лани и 43% повеќе во споредба со првиот квартал.
Најголем дел од растот доаѓа од големите соларни електрани. Во вториот квартал биле инсталирани 9,6 GWdc во комуналниот сектор, што е годишен раст од 61%.
Забрзаната изградба е поврзана и со настојувањето на инвеститорите да ги пуштат проектите во работа пред истекот на рокот во јули 2026 година за користење на даночните поволности. Во исто време, големиот број проекти во развој создава основа за продолжување на растот во наредните години.
„Соларната енергија и складирањето пораснаа до обем што повеќето Американци сè уште не можат целосно да го согледаат, а едноставно не можеме да ги задоволиме растечките енергетски потреби на Америка без овие технологии“, изјави извршниот директор на SEIA, Тим Пауленти.
Соларната енергија и складирањето заедно сочинувале 70% од целиот нов капацитет приклучен на американската електроенергетска мрежа во првата половина од 2026 година.
Според прогнозите во извештајот, американскиот соларен пазар речиси ќе се удвои во следните пет години. Очекувањата се дека комбинацијата од голем број проекти во развој и веќе обезбедени услови за даночни поволности ќе овозможи годишно да се додаваат околу 44 GWdc капацитет до 2031 година.
„Силната база на проекти и изградбата на капацитетите со обезбедени услови ќе го одржат годишното зголемување на капацитетот на околу 44 GWdc до 2031 година. Сепак, дозволите и транзицијата по даночниот кредит за инвестиции остануваат значајни пречки“, рече Кејтлин Конели, виш аналитичар во Wood Mackenzie.
Станбениот сегмент, од друга страна, се соочува со поголеми предизвици по истекот на даночниот кредит за домашни соларни системи. Сепак, прогнозите укажуваат дека пазарот би можел повторно да влезе во фаза на раст во 2027 година, поттикнат од интересот на домаќинствата за пониски сметки за електрична енергија и поголема отпорност на прекини во снабдувањето.
Растот на соларната енергија е особено изразен во сојузните држави кои Доналд Трамп ги освои на претседателските избори во 2024 година. Тие држави учествувале со 71% од новоинсталираниот соларен капацитет во првата половина од 2026 година, а осум од десетте држави со најголеми нови инсталации биле од оваа група.
Извор: Wood Mackenzie
