ИЕА: Побарувачката за нафта паѓа за 2,5 милиони барели дневно, дизелот под силен притисок

Светската побарувачка за нафта годинава ќе се намали за 2,5 милиони барели дневно, што е за 940.000 барели дневно поголем пад од прогнозата во август, покажува најновиот извештај на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА). Според агенцијата, продолжениот застој во преговорите меѓу САД и Иран ја одложува нормализацијата на нафтените текови и во 2027 година.

Нафтениот пазар во август дополнително се затегна поради продолжените нарушувања на производството и транспортот на сурова нафта од Блискиот Исток и Русија. ИЕА проценува дека светското производство во август се намалило за 1,6 милиони барели дневно, на 100,1 милион барели дневно, бидејќи повеќе од 10 милиони барели дневно производство во земјите од Персискиот Залив и натаму биле надвор од пазарот.

За целата 2026 година агенцијата сега очекува глобалната понуда да се намали за 5,7 милиони барели дневно, на просечни 100,7 милиони барели дневно. Очекуваното закрепнување на производството во земјите од Заливот е одложено за 2027 година, кога понудата би требало да се зголеми за околу 8 милиони барели дневно.

РЕКЛАМА

Најголем дел од растот на производството надвор од ОПЕК+ доаѓа од САД, Канада, Бразил, Гвајана и Аргентина. Овие пет земји, според ИЕА, ќе придонесат со дополнителни 1,4 милиони барели дневно во 2026 година и уште еден милион барели дневно во 2027 година.

Ценовниот притисок особено се засилува кај рафинираните производи, а најизразен е кај дизелот. Цената на дизелот и гасојлот во САД на почетокот на септември надмина 200 долари за барел, што е 94% над нивото пред почетокот на војната. Цените во Европа и Азија исто така се движат на многу високи нивоа.

Состојбата со дизелот е дополнително влошена поради нарушувањата во рафинерискиот систем на Русија и речиси прекинатиот извоз на рафинирани производи по засилените украински напади. Во август, комбинираниот нето-извоз на дизел и гасојл од земјите од Заливот и Русија бил за 1,6 милиони барели дневно помал во споредба со февруари. Тогаш овие региони учествувале со речиси 45% во глобалната поморска трговија со дизел и гасојл.

Вкупниот извоз на нафта од земјите од Заливот во август се проценува на околу 13 милиони барели дневно, речиси половина од нивото пред војната. Извозот на рафинирани производи и течен нафтен гас (ЛНГ) бил уште посилно погоден и останал за речиси 60%, односно 3,7 милиони барели дневно, под нивото од февруари.

Истовремено, рафинериите во Атлантскиот басен оствариле рекордни маржи во август поради ограничената понуда на дизел, керозин и бензин. Глобалниот обем на преработка на сурова нафта достигнал 81,4 милиони барели дневно, што е зголемување од 960.000 барели дневно во однос на јули, но сепак е за 4,2 милиони барели дневно под нивото од пред една година.

ИЕА очекува рафинерската преработка во 2026 година да се намали за 2,6 милиони барели дневно, на просечни 81,5 милиони барели дневно.

Во меѓувреме, глобалните залихи на нафта продолжуваат забрзано да се намалуваат. Само во август биле повлечени 95 милиони барели, со што вкупното намалување на залихите од почетокот на војната достигнало 507 милиони барели, или просечно 2,8 милиони барели дневно.

Нафтата што се наоѓа на танкери се намалила за 65 милиони барели во август поради новите напади врз танкерскиот сообраќај од Блискиот Исток. Залихите надвор од земјите на ОЕЦД се намалиле за 52 милиони барели, главно поради повлекувањето на залихите во Кина. Кај земјите од ОЕЦД, пак, залихите се зголемиле за 23 милиони барели, иако владините резерви се намалиле за 19 милиони барели.

Цената на северноморската нафта „Датед Брент“ во август во просек достигнала 91 долар за барел, што е раст од 7,61 долар во однос на јули. На 9 септември цената скокнала до 113,48 долари за барел, додека во моментот на објавување на извештајот се тргувала околу 105 долари.

Според ИЕА, пазарот се движи кон сè поголем дефицит, додека резервите се топат, а рафинерискиот систем работи под зголемен притисок. Продолжените нарушувања на нафтените текови низ Ормутскиот Теснец и зголемените безбедносни ризици во регионот го зголемуваат ризикот од дополнително затегнување на пазарот и ново ограничување на потрошувачката.

Агенцијата очекува падот на побарувачката да се ублажи во текот на годината – од 5,3 милиони барели дневно во вториот квартал, на 3,4 милиони во третиот и 2 милиони барели дневно во четвртиот квартал. Во 2027 година побарувачката би требало да се зголеми за 2,6 милиони барели дневно, со што би се надоместил речиси целиот пад од оваа година.

Извор: IEA.org

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил