Соларната енергија во првата половина од годинава повторно се покажа како важен столб на енергетската сигурност на Европската Унија, обезбедувајќи рекордни количества електрична енергија во период на повисоки цени на фосилните горива и екстремни горештини. Сепак, и покрај нејзината зголемена улога, европскиот соларен сектор се соочува со послаба политичка поддршка, проблеми со мрежите и регулаторна неизвесност.
Прелиминарните податоци покажуваат дека соларниот пазар во ЕУ во првите шест месеци од 2026 година бележи благ раст во однос на истиот период лани, но SolarPower Europe очекува на крајот на годината вкупниот број новоинсталирани соларни капацитети да биде малку помал отколку во 2025 година.

Во анализата „EU Solar Market Update: 2026 Mid-Year Analysis“, организацијата оценува дека подобрувањето во првата половина од годината во голема мера е резултат на надворешни фактори – кризата со фосилните горива и екстремните временски услови – а не на посилна политичка поддршка за соларните инвестиции.
Според SolarPower Europe, од почетокот на конфликтот на Блискиот Исток на 1 март, соларните централи во ЕУ произвеле 282 терават-часови електрична енергија. Со тоа, според проценката на организацијата, е избегнат увоз на гас за производство на електрична енергија во вредност од повеќе од 30 милијарди евра.
Тоа значи заштеда од околу 164 милиони евра дневно, или повеќе од една милијарда евра неделно.
Соларната енергија имаше особено значајна улога во текот на летото. Во мај, јуни и јули, втора година по ред, таа обезбедила повеќе од една петтина од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ.
Во јуни е поставен нов рекорд, соларната енергија учествувала со 25% во производството на електрична енергија, со што станала најголемиот поединечен извор на електрична енергија во ЕУ во тој месец.
Растот на производството доаѓа во период кога европскиот енергетски систем беше под дополнителен притисок. Високите температури ја зголемија потрошувачката на електрична енергија поради климатизацијата, додека топлите реки и ниските водостоји влијаеја врз производството од дел од нуклеарните и хидроцентралите.
Во такви услови, соларните централи произведуваа најмногу токму во часовите кога побарувачката за електрична енергија беше висока, помагајќи да се одржи сигурноста на снабдувањето и да се ограничи притисокот врз цените.
– Поуката од летото не може да биде појасна: кога цените на фосилните горива растат, кога доаѓаат топлотни бранови и кога на Европа ѝ е потребна достапна енергија произведена во земјата, соларната енергија испорачува, изјави извршната директорка на SolarPower Europe, Валбурга Хеметсбергер.
Според неа, наместо да се подобруваат условите за понатамошен развој на соларниот сектор, дел од европските влади ја намалуваат поддршката и ја зголемуваат неизвесноста.
– Европа не треба да има потреба од енергетска криза за да ја препознае вредноста на соларната енергија, а особено не треба да ги ослабува условите за инвестиции во соларниот сектор среде криза, порача Хеметсбергер.
Како пример се наведува Франција, која дополнително ја намали поддршката за соларните системи на покривите. Во Чешка, промените во програмата „New Green Savings“ значително влијаеле врз побарувачката од домаќинствата, додека Германија разгледува реформи со кои од 2027 година би се намалила поддршката за новите покривни соларни системи.
Дополнителен проблем се ограничувањата во електроенергетските мрежи. Во повеќе европски пазари се зголемува ограничувањето на производството од обновливи извори, се намалува пазарната вредност на соларната енергија, а негативните цени стануваат почести во периодите на високо производство.
Истовремено, се појавуваат поизразени ценовни пикови во вечерните часови, кога производството од соларните централи нагло се намалува, а побарувачката останува висока.
SolarPower Europe оценува дека овие предизвици покажуваат дека европската енергетска транзиција не може да се потпира само на изградба на нови соларни капацитети. Потребни се паралелни инвестиции во електроенергетските мрежи, складирањето на енергија, електрификацијата и флексибилноста на системот.
Организацијата предупредува дека, доколку овие инвестиции не се забрзаат и доколку не се обезбеди постабилна политичка и регулаторна рамка, ЕУ ризикува да не го постигне својот соларен таргет за 2030 година.
На тој начин, податоците од 2026 година покажуваат двоен тренд: соларната енергија станува сè поважна за европската енергетска безбедност, но условите за нејзино понатамошно ширење не се развиваат со исто темпо.
Извор: SolarPowerEurope.org
