Цената на нафтата „ Bрент“ се приближи до 100 долари за барел, првпат од јули годинава, откако новата ескалација на конфликтот на Блискиот Исток ги зголеми стравувањата од прекини во снабдувањето со нафта од регионот.
Фјучерсите на „Брент“ утринава пораснаа за 1,3% на 99,22 долари за барел, додека американската нафта WTI поскапе за 1,2% на 94,13 долари.
Од почетокот на август „Брент“ е поскап за околу 25%, бидејќи надежите за трајно решение на шестмесечниот конфликт се намалуваат, а борбите повторно се интензивираат.
Ескалацијата дополнително се прошири во вторникот, кога Хутите во Јемен, кои имаат поддршка од Иран, извршија напади врз повеќе градови во Саудиска Арабија. Во исто време, американските сили нападнаа повеќе ирански танкери со нафта, додека Иран нападна американска база во Јордан и бродови во регионот.
Нафтениот пазар веќе е под притисок поради нападите врз енергетската инфраструктура и нарушувањата на клучните поморски транспортни рути.
Саудиска Арабија дел од извозот пренасочува надвор од Ормускиот Теснец, но аналитичарите предупредуваат дека продолжените напади врз кралството би можеле дополнително да го отежнат одржувањето на стабилни текови на сурова нафта кон светските пазари.
Аналитичарите од OCBC оценија дека нападите врз саудиските енергетски објекти и уништувањето на пет ирански танкери ги зголемиле стравувањата од нов период на сериозни нарушувања во снабдувањето.
Растот на цената на нафтата истовремено ги засилува и инфлациските ризици, особено во Азија, каде што голем број економии во голема мера зависат од увоз на енергија.
„100 долари за брент не треба да се гледаат само како психолошка граница. Тоа е предупредувачко ниво за пошироката економија“, изјави Пријанка Сачдева, шефица за пазарни анализи во Phillip Nova.
Со приближувањето на „Брент“ до границата од 100 долари, вниманието на пазарите повторно се насочува кон тоа колку долго ќе траат нарушувањата во транспортот и извозот од Блискиот Исток и дали дополнителната ескалација може да предизвика нов глобален ценовен шок.
Извор: Ројтерс
