РКЕ: Нов скок на горивата – дизелот поскапува за 6 денари, бензините за 3

Од 8 септември од 00:01 часот повторно растат максималните малопродажни цени на нафтените деривати, соопшти Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Просечното зголемување изнесува 4,89% во однос на претходната одлука.

Најголем удар повторно има кај дизелот, кој поскапува за 6 денари за литар и достигнува 101 денар. Бензините поскапуваат за 3 денари за литар.

Според РКЕ, новиот ценовен раст е последица пред сè на повисоките референтни цени на нафтените деривати на светскиот пазар. Во однос на претходната пресметка, референтната цена на бензините е повисока за 4,829%, додека кај дизелот растот изнесува 8,922%.

РЕКЛАМА

Најголем раст има кај екстра лесното масло, чија референтна цена е повисока за 11,644%, додека кај мазутот растот изнесува 4,163%.

Дополнителен притисок врз домашните цени има и курсот на денарот. Во периодот опфатен со пресметката, денарот во однос на доларот е повисок за 0,5449%.

Во новата одлука продолжува да се применува намалениот износ на акцизите – за 2 денари за литар кај бензините и за 4 денари кај дизелот. Оваа мерка и понатаму го ограничува дел од растот што би се пренел врз крајните потрошувачи.

Со новите цени, БС-98 се приближува до границата од 100 денари, додека дизелот повторно е над таа граница, со цена од 101 денар за литар.

РКЕ потсетува дека станува збор за максимални малопродажни цени, па трговците имаат можност горивата да ги продаваат и пониско.

Новиот ценовен скок доаѓа само една недела по значителното намалување на дизелот, кога неговата цена падна од 101,50 на 95 денари за литар. Со најновото поскапување, дизелот повторно се враќа над границата од 100 денари.

Извор: РКЕ

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил