Во рамките на овогодинешниот Бледски стратешки форум, министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари средба со потсекретарката за политички прашања во американскиот Стејт департмент Алисон Хукер, на која, покрај останатото, во фокусот биле енергетската безбедност, регионалната поврзаност и можностите за унапредување на економската и трговската соработка.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, соговорниците, во текот на вчерашниот ден, разговарале и за натамошното продлабочување на стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, како и за прашања поврзани со регионалната стабилност и безбедност.
Енергетската безбедност во последниот период се наметнува како едно од клучните подрачја во кои стратешкото партнерство со Вашингтон добива конкретна содржина. За Македонија, во услови на ограничени домашни ресурси и зависност од увоз, диверзификацијата на снабдувањето значи намалување на ризиците, но и поголема предвидливост за економијата и индустријата.
Токму затоа во фокусот е изградбата на нови енергетски врски со регионот и пристапот до повеќе извори на енергија.
Еден од најзначајните проекти е гасниот интерконектор со Грција, чија изградба треба да биде завршена во 2027 година. Со неговото ставање во функција, македонскиот гасен систем ќе биде поврзан со грчката мрежа и со ЛНГ инфраструктурата, отворајќи можност за снабдување од повеќе извори, вклучително и со течен природен гас од САД.
Со тоа Грција добива значење како една од клучните енергетски порти за Македонија, а пристапот до ЛНГ терминалите создава можност земјата да не зависи од една снабдувачка рута или еден доминантен извор.
Ова е и причината поради која гасниот интерконектор со Грција има значење кое го надминува билатералниот карактер на проектот. Тој е дел од пошироката регионална инфраструктура во која Вашингтон гледа важен инструмент за диверзификација на европското снабдување со гас.
Македонија на трасата на Вертикалниот коридор
Во оваа слика особено место има Вертикалниот гасен коридор, иницијатива која ги поврзува гасните системи на Југоисточна Европа и создава можност гасот од ЛНГ терминалите во Грција да се транспортира кон Бугарија, Романија и понатаму кон пазарите во Централна и Источна Европа.
Македонија се очекува многу скоро да го формализира приклучувањето кон оваа регионална иницијатива. Со тоа земјата ќе биде вклучена во поширок систем на инфраструктурно поврзани пазари, со можност за пристап до повеќе извори и правци на снабдување.
За САД, Вертикалниот коридор е важен дел од напорите за диверзификација на европскиот енергетски пазар и намалување на зависноста од руските енергенси. За Македонија, неговото значење е пред сè во зголемувањето на енергетската отпорност и можноста за поголем избор на снабдувачи.
Американскиот ЛНГ во тој процес може да има значајна улога. Со развојот на ЛНГ инфраструктурата во Грција и регионалното поврзување преку Вертикалниот коридор, Македонија отвора можност да биде дел од синџирот преку кој американскиот гас ќе стигнува до пазарите во Југоисточна Европа.
Од гасна до поширока енергетска поврзаност
Процесот не се однесува само на природниот гас.
Македонија паралелно ја зајакнува и електроенергетската поврзаност со соседите. Меѓу значајните проекти е 400 kV интерконекторот со Албанија, кој дополнително ќе го интегрира македонскиот електроенергетски систем со регионалниот пазар и ќе овозможи поголема сигурност во услови на зголемена потреба за увоз или можност за извоз на електрична енергија.
На тој начин постепено се создава енергетска инфраструктура која Македонија ја поврзува со повеќе пазари и повеќе правци – на југ преку Грција, на запад преку Албанија, а перспективно и кон север преку дополнителните регионални гасни врски.
Тоа е важна промена за земја која со години беше изложена на ограничен број снабдувачки опции.
Енергетиката како прашање на национална безбедност
Новата енергетска инфраструктура затоа има и поширока безбедносна димензија.
Во услови на геополитички тензии и нестабилни енергетски пазари, безбедноста на снабдувањето не се мери само со домашното производство. Таа зависи и од тоа дали една земја има повеќе извори, повеќе транспортни правци, доволно интерконекции и пристап до регионални пазари.
Од тој аспект, американската поддршка за диверзификацијата на енергетското снабдување на Македонија има стратешко значење.
Тоа беше потврдено и во рамките на овогодинешниот Стратешки дијалог меѓу Македонија и САД, во кој енергетската безбедност и инфраструктурната поврзаност беа меѓу областите за продлабочување на соработката.
За Вашингтон, поголемата диверзификација на енергетскиот систем на регионот значи поголема отпорност на европските сојузници и нови можности за американските енергетски компании. За Македонија, пак, станува збор за многу поконкретен интерес, да има сигурно снабдување и можност да избира меѓу различни извори и снабдувачи.
Енергетика 24
