Потпишан договор за проектирање и изградба на гасниот интерконектор Македонија–Србија

Божиновска: Со интерконекторот со Србија ја отвораме Македонија кон нови извори на гас и ја зацврстуваме нашата позиција како регионален енергетски коридор

Во свечената сала на Владата денеска беше потпишан Договорот за проектирање и изградба на гасниот интерконектор меѓу Македонија и Србија, со што официјално започнуваат конкретните активности за реализација на уште еден стратешки енергетски проект за регионално поврзување и диверзификација на снабдувањето со природен гас.

Договорот го потпишаа директорот на НОМАГАС, Недим Рама, и директорот на компанијата „Рапид Билд“, избрана за изведувач на проектот. На потпишувањето присуствуваа претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.

РЕКЛАМА

Со потпишувањето на договорот се преминува од подготовка на проектот кон негова конкретна реализација. Интерконекторот ќе ги поврзе гасните системи на Македонија и Србија преку траса од околу 70 километри, од кои околу 23 километри на македонска територија и околу 47 километри на територијата на Србија. На македонска страна интерконекторот ќе биде поврзан со постојниот гасовод кај Клечовце, а во Србија со гасоводната мрежа во близина на Врање.

„Денеска ја поставуваме инфраструктурната основа за нова енергетска поврзаност на Македонија со регионот и Европа. Со интерконекторот со Србија отвораме пристап до нови извори на гас, ја зголемуваме сигурноста на снабдувањето и создаваме услови Македонија да има многу посилна улога во регионалниот гасен систем“, истакна министерката Божиновска.

Таа посочи дека овој проект добива уште поголемо значење со изградбата на интерконекторот со Грција.

„Со поврзувањето со Грција и Србија, Македонија повеќе нема да биде само крајна точка на една гасна рута. Ја градиме позицијата на земја што е поврзана со регионалните пазари и може да биде транзитна и енергетска врска меѓу југот и северот на Европа. Тоа е стратешката слика кон која се движиме“, порача Божиновска.

Гасниот интерконектор Македонија–Србија е проект од стратешко значење за диверзификација на изворите и правците на снабдување со природен гас, но и за пошироката регионална интеграција на гасните пазари. Со неговата реализација Македонија ќе добие пристап до нови можности за снабдување, додека преку поврзувањето со јужниот и северниот правец ќе се создаваат услови за поголема флексибилност и сигурност на регионалниот енергетски систем.

Проектот се реализира во период кога Македонија интензивно работи на зајакнување на гасната инфраструктура и воспоставување повеќе алтернативни правци за снабдување. Во тек е реализацијата на гасниот интерконектор со Грција, кој ќе ја поврзе македонската со грчката гасна мрежа и ќе овозможи пристап до јужниот гасен коридор.

По завршувањето на интерконекторите со Грција и Србија, Македонија ќе биде поврзана со гасните системи и на југ и на север, со што се отвора можност земјата да прерасне во значајна регионална транзитна точка за природен гас и дел од поширокиот европски енергетски коридор.

ФОТО / МЕРМС

„Нашата цел е јасна – Македонија да не зависи од една гасна рута. Со диверзификација на правците и изворите на снабдување ја зголемуваме енергетската безбедност, ја намалуваме изложеноста на идни кризи и создаваме подобри услови за граѓаните и економијата. Ова е инфраструктура која ќе служи со децении и затоа гледаме на неа како инвестиција во долгорочната енергетска стабилност на Македонија“, истакна Божиновска.

Покрај националното значење, интерконекторот Македонија–Србија има и поширока регионална димензија. Поврзувањето на гасните системи ќе придонесе кон создавање интегриран и пофлексибилен регионален пазар, со можност за двонасочен транспорт на природен гас и подобра искористеност на постојната и новата инфраструктура.

Дополнително, проектот е планиран со перспектива за идниот развој на енергетскиот систем и можностите за транспорт на водород, во согласност со долгорочните европски цели за декарбонизација и енергетска транзиција.

ФОТО / Влада МК

Од своја страна, премиерот Христијан Мицкоски оцени дека изградбата на гасниот интерконектор со Србија има значајно регионално и геостратешко значење за Македонија, бидејќи со неговата реализација и со интерконекторот кон Грција земјата ќе добие целосна вертикална поврзаност долж Коридорот 10.

„Очекувам дека би требало тој проект да се заврши некаде првата половина на следната година, иако втората половина, еве крајот на 2028-та се заврши овој интерконектор со нашиот северен сосед, ќе добиеме целосно вертикална поврзаност којашто е дел од коридорот 10 и геостратешката позиција на државата станува драматично позначајна откако овие проекти ќе бидат реализирани“, рече Мицкоски.

Тој посочи дека значењето на интерконекторите е особено големо за земја без излез на море, бидејќи преку поврзувањето со соседните држави и пристаништата, како терминалот во Александрополи и пристаништето во Солун, се зајакнува енергетската и геостратешката позиција на Македонија.

Како втор важен аспект Мицкоски го издвои фактот што работите на проектот ќе ги изведува македонска компанија. Тој оцени дека ангажирањето на домашната градежна оператива на стратешки инфраструктурни проекти е значајно за македонската економија и најави дека тоа ќе остане приоритет на Владата.

Мицкоски посочи и дека интерконекторот е дел од пошироката владина стратегија Македонија да се позиционира како раскрсница на паневропските коридори 8 и 10. Според него, тоа треба да се постигне преку развој на патната, железничката и енергетската инфраструктура.

Премиерот изрази очекување проектот да биде реализиран во договорените рокови, а како можна идна можност ја спомена и изградбата на гасна врска со Косово. Според него, физибилити студијата треба да покаже дали таков интерконектор би бил оправдан, иако косовската страна засега нема потреба од ваква врска.

Со денешното потпишување Македонија прави уште еден конкретен чекор кон диверзифициран, поврзан и сигурен енергетски систем – систем во кој земјата не е само потрошувач, туку потенцијален регионален енергетски коридор.

Енергетика 24

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил