ЕК: Нема краткорочен ризик за снабдувањето со струја во Централна и Југоисточна Европа

Снабдувањето со електрична енергија во Централна и Југоисточна Европа засега е стабилно и нема краткорочни ризици по адекватноста на електроенергетскиот систем, но состојбата во наредните недели се очекува да остане напната поради високите температури и рекордно ниските нивоа на водата, соопшти денеска Европската комисија.

Европската комисија свика вонреден состанок на Групата за координација на електроенергетиката, на кој учествуваа претставници на земјите од ЕУ, Европската мрежа на оператори на преносни системи за електрична енергија (ENTSO-E), регионалните координативни центри и Секретаријатот на Енергетската заедница.

На состанокот било оценето влијанието на екстремните временски услови врз сигурноста на снабдувањето со електрична енергија во регионот.

РЕКЛАМА

Долготрајните високи температури ја зголемуваат побарувачката за електрична енергија, особено поради поголемата употреба на системите за ладење, додека ниските водостоји влијаат врз производството на електрична енергија и расположливоста на водните ресурси.

Европската комисија особено ја нагласи потребата од зачувување на протокот на вода во Дунав кога националните власти планираат или спроведуваат мерки и интервенции во реката со цел подигнување на водостојот и поддршка на производството на електрична енергија.

Групата ја истакна и важноста од продолжување на тесната координација меѓу земјите, операторите на преносните системи и регионалните координативни центри.

Брисел посочи дека единствениот европски пазар на електрична енергија мора да продолжи да овозможува непречен проток на електрична енергија кон земјите каде што во даден момент е најпотребна.

– Сигурноста на снабдувањето е стабилна и нема краткорочни ризици по адекватноста, но ситуацијата се очекува да остане напната во наредните недели, наведува Европската комисија.

Комисијата најави дека ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата низ Европа и да поддржува координирани мерки доколку биде потребно. Ќе продолжи и редовната комуникација со земјите членки, ENTSO-E и Секретаријатот на Енергетската заедница.

Состојбата во Централна и Југоисточна Европа доаѓа во период кога екстремните горештини и сушата истовремено влијаат врз производството и потрошувачката на електрична енергија. Ниските водостоји се особено значајни за хидроелектраните, но и за термоелектраните и нуклеарните централи кои зависат од речните води за ладење.

Извор: Европска комисија

Сподели:

Добивај ги најважните вести на е-маил