Македонија гради нова енергетска инфраструктура со која треба да ја намали зависноста од ограничени правци за снабдување и да создаде услови за поголема улога во регионалните и европските енергетски текови, оценува министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска во колумна за „Фактор“.
Во фокусот се гасните интерконектори со Грција и Србија, вклучувањето на Македонија во проширувањето на Вертикалниот гасен коридор, како и подготовката за идниот развој на водородната инфраструктура.
Божиновска посочува дека енергетската инфраструктура што се гради денес треба да одговори не само на актуелните потреби, туку и на промените што се очекуваат во европскиот енергетски систем.
Интерконекторот со Грција со капацитет до 2,8 милијарди кубни метри
Како една од клучните инфраструктурни врски го издвојува интерконекторот со Грција. Македонската делница од Неготино до границата е долга 67 километри, додека вкупната должина на интерконекторот до Неа Месимврија ќе изнесува 123 километри.
Планираниот капацитет е до 2,8 милијарди кубни метри природен гас годишно, што, според министерката, ги надминува домашните потреби и отвора можност Македонија во иднина да има и транзитна улога.
„Со поврзувањето со грчкиот систем, Македонија добива пристап до пошироката енергетска инфраструктура во Грција, вклучително и до терминалите за течен природен гас и до извори што до земјата можат да пристигнуваат преку различни правци“, наведува Божиновска.
Паралелно се планира и интерконекторот со Србија, преку врската Клечовце–Врање, која треба да овозможи двонасочен проток меѓу двата системи.
Македонија вклучена во Вертикалниот гасен коридор
Во колумната се посочува и дека Македонија и Србија се вклучени во разговорите за проширување на Вертикалниот гасен коридор кон Западен Балкан.
Според Божиновска, политичкиот договор за проширувањето бил постигнат на четиристраниот министерски состанок за енергетика и поврзување во Југоисточна Европа, одржан на 15 мај во Атина, со учество на Грција, Србија, Бугарија и Македонија.
На 10 јули во Атина, пак, македонските и српските претставници за првпат биле вклучени во разговорите на операторите на системите за пренос на природен гас за понатамошното техничко и комерцијално планирање на коридорот.
Проширувањето треба да овозможи подобро поврзување на јужните извори и терминали со пазарите во Централна и Источна Европа.
Гасната инфраструктура како подготовка и за водород
Еден од долгорочните аспекти на новата инфраструктура е нејзината потенцијална употреба за транспорт на водород.
Божиновска ја издвојува првата национална Водородна студија, која треба да биде основа за планирање на идното производство, транспорт и користење чист водород во земјата.
Според неа, географската положба на Македонија меѓу Грција и Србија и на коридорот кон Централна Европа може да биде значајна во развојот на идната паневропска водородна мрежа.
За тоа, сепак, ќе бидат потребни физички врски, регулаторно усогласување, институционална подготвеност и регионална соработка.
РЕК Битола со нова когенеративна централа
Паралелно со изградбата на новата инфраструктура, Македонија го планира и преобликувањето на постојниот енергетски систем.
Во рамките на праведната транзиција се подготвува новата когенеративна централа „РЕК Битола 1“, која треба да произведува електрична и топлинска енергија.
За подготвителните активности во јуни годинава е обезбеден грант од 2,4 милиони американски долари од Светската банка.
Концептот предвидува користење природен гас, со можност инфраструктурата во иднина да се приспособи и за водород.
Божиновска нагласува дека праведната транзиција не треба да значи само затворање на старите капацитети, туку постепена замена со пофлексибилни и почисти технологии, при истовремено зачувување на енергетската сигурност и економската улога на енергетските региони.
Енергетската сигурност преку повеќе извори и правци
Според министерката, сите овие процеси – интерконекторите, Вертикалниот коридор, Водородната студија и трансформацијата на РЕК Битола, се дел од поширока стратегија за промена на енергетската позиција на Македонија.
„Енергетската сувереност денес не значи изолација. Таа значи што е можно поголем избор на извори, правци и партнери“, наведува Божиновска.
Целта, како што посочува, е Македонија постепено да се трансформира од земја зависна од ограничен број влезни правци во држава поврзана со повеќе извори и пазари и поактивно вклучена во регионалното енергетско планирање.
„Преминот од крајна точка кон енергетска крстосница нема да се случи преку ноќ. Но со секоја нова врска, со секој исполнет реформски чекор и со секоја инвестиција што гледа подалеку од сегашните потреби, Македонија ја менува својата позиција“, пишува Божиновска во колумната за „Фактор“.
Енергетика 24
