Последната од четирите турбини на нуклеарната централа Пакш во Унгарија денеска продолжи да работи безбедно со производство од околу 240 мегавати, откако водостојот на Дунав благо се зголеми, соопшти унгарскиот премиер Петер Маѓар.
Водостојот на реката во текот на ноќта престанал да се намалува, а до утрото се зголемил за околу 1,5 сантиметар. Според Маѓар, во текот на ноќта централата била само неколку милиметри од целосно исклучување.
Пакш во моментов работи со нешто над 10% од вкупниот капацитет. Нуклеарната централа има инсталирана моќност од околу два гигавати и во нормални услови произведува повеќе од 40% од електричната енергија во Унгарија.
Намалувањето на производството е последица на рекордно нискиот водостој на Дунав, чија вода се користи за ладење на реакторите. Поради продолжената суша и високите температури, централата постепено го намалува производството во изминатата недела.
Иако засега е избегнато целосно исклучување, унгарските власти предупредуваат дека ситуацијата останува неизвесна. Според досегашните прогнози, водостојот на Дунав повторно може да се намалува, што би можело да доведе до целосен прекин на производството во Пакш.
Во таков случај, централата би можела да остане надвор од системот неколку недели, што би ја зголемило потребата на Унгарија од увоз на електрична енергија.
Поради намаленото производство и високите температури, владата апелираше до домаќинствата и компаниите да ја намалат потрошувачката на електрична енергија, особено во периодот од 17 до 22 часот.
Повеќе од 300 компании досега доброволно ја намалиле потрошувачката, со вкупно намалување од околу 400 мегавати. Унгарските власти очекуваат во мерките да се вклучат и други големи потрошувачи.
Проблемите со нискиот водостој на Дунав не се ограничени само на Унгарија. Во Романија, ниското ниво на реката веќе доведе до прекин на работата на еден од двата реактори во нуклеарната централа Чернавода, додека вториот продолжува да работи со ризик од дополнително намалување на производството доколку водостојот продолжи да опаѓа.
Во Србија, пак, нискиот водостој влијае врз производството на хидроцентралата Ѓердап, а проблеми се појавија и со ладењето на термоелектраните.
Ниските водостоји на големите европски реки годинава влијаат и врз речниот транспорт и производството на електрична енергија, во услови на продолжена суша и екстремно високи температури.
Енергетика 24
